Македонскиот Том Џонс не застанува – освојува со шлагер-евергрини во родното Неготино

244

Македонскиот Том Џонс, како што нагалено си го ословуваме пејачот Ѓоко Ѓорчев, и во својата 68. година е активен на естрадната сцена. Тој неодамна со концертен настап ѝ се врати на својата верна публика. Заедно со Катерина Кате Брезова, која настапува и со сопругот Трајче од „Соната”, Ѓоле пееше во неговиот убав роден град Неготино.

И одвај успеа да замине од сцената. Публиката го бараше на бис! Но, вистина е дека оваа музичка тројка успева да направи неверојатно убаво музичко другарување, а целата атмосферата останува за долго памтење…

Се пеат старите хитови на Ѓорчев, шлагер-(фестивалски) евергрини од поранешната Југославија, како и хитови од Евровизиските фестивали, пред се оние од Шведската група АББА, од Италијанката Џиљола Чинквети, Гркинката Вики Леандрос, Ирецот Џони Логан…. Исто така Ѓорчев настапува и со Благица Николова и Цаци, со Сашо Ѓорѓиев од поранешната група „Нели ти реков”. Очигледно е дека во Македонија сè уште има публика која знае преку настапите на Ѓоле да ја препознае убавата и нежна шлагерска, медитеранска поп-песна, која не е ниту турбо-фолк ниту панк. (Д.М.)