Македонската економија годинава ќе забележи раст од три проценти, се најавува во најновиот извештај на ОН за ситуацијата и перспективите на светската економија во 2019 година.
Како клучен фактор за развој на економијата во извештајот се наведуваат пробивот во процесот на приклучување на земјата во ЕУ која очекува годинава да ги отвори преговорите за членство. Се очекува зголемување на инвестициите и на извозот, натамошно намалување на стапката на невработеност, а се препорачува натамошно подобрување на бизнис климата и на пазарот на труд.
ОН во извештајот прогнозира раст на БДП од три проценти и за 2020 година, а инфлацијата и за годината и за наредната 2,1 отсто.
Македонија минатата година според извештајот ја завршила со раст на БДП од 2,5 проценти, а невработеноста паднала на 21 процент.
Во земјите во регионот ОН предвидува раст на БДП во Албанија и Србија четири проценти, БиХ три, Црна Гора 3,7 проценти.