МАКЕДОНИЈА ОСТАНА БЕЗ ДАТУМ, НОВА НАДЕЖ НАПРОЛЕТ – Големите не ни ја отворија европската врата

Лидерите на земјите членки на Европската Унија не успеаја да постигнат договор за почеток на преговори со Македонија и Албанија. Тие на Самитот во Брисел се договорија Европската Унија да се наврати на проширувањето до мај 2020, пред Самитот во Загреб. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск порача дека немањето одлука за датум за старт на преговорите со Македонија и Албанија не е вина на двете земји. Тој ги повика Скопје и Тирана да не се откажуваат

101

Македонија и Албанија извисија во Брисел. Самитот на европските лидери вчера заврши без договор за отворање преговори со двете земји. Лидерите на членките на Европската Унија не успеаја да постигнат договор за почеток на преговори по долгите и дебати кои траеја до доцна во четвртокот. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск вчера изјави дека Европската Унија ќе се наврати на проширувањето до мај 2020, пред Самитот во Загреб. Туск порача дека немањето одлука за датум за старт на преговорите со Македонија и Албанија не е вина на двете земји. Тој ги повика Скопје и Тирана да не се откажуваат.

 -Големо мнозинство членки на Европската Унија сакаат да бидат отворени пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Сепак, таквата одлука бара едногласност, а тоа вчера не беше постигнато. Да бидам јасен: Северна Македонија и Албанија не се виновни за ова, тие ги исполнија условите и се подготвени за отворање на преговорите. Тие се подготвени, но за жал, дел од земјите членки сè уште не се подготвени и затоа не успеавме да постигнеме позитивна одлука. Лично сметам дека тоа е грешка, но нема да коментирам понатаму. Денеска сакам да испратам порака до нашите македонски и албански пријатели. Ве молам не се откажувајте. Целосно ја разбирам вашата фрустрација, бидејќи заслуживте, а не добивте. ЕУ е комплексен политички ентитет и вистина е дека некогаш носењето одлуки трае предолго. Но, апсолутно не се сомневам дека еден ден ќе станете полноправни членки на ЕУ, порача Туск.

И претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер рече дека немањето консензус за доделување на датум за старт на преговорите е огромна, историска грешка. Јункер рече дека ако ЕУ сака да биде почитувана, мора да ги исполнува своите ветувања.

– Ние ги охрабрувавме овие земји, им помагавме и ги посетувавме овие земји и дававме јавни ветувања на овие земји. Ако сакаме да бидеме почитувани ние мора да ги исполнуваме нашите ветувања, изјави Јункер.

Германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференција изрази дека „многу жали“ што ЕУ не успеа да постигне консензус и посочи дека против биле Франција, Данска и Холандија.

 -Кога разговаравме за отворањето преговори, за жал, не можевме да постигнеме договор околу Албанија и Северна Македонија. Многу ми е жал за оваа одлука. Ставот на Германија беше да ги започне разговорите ако се исполнат одредени услови, но не постигнавме едногласност, изјави Меркел.

Канцеларката истакна дека попаметно е двете земји да не се раздвојуваат во процесот.

 -И двете земји направија големи чекори. Процесот на ветинг во Албанија трае веќе некое време, а Македонија направи значаен договор за промена на името. За нас би било попаметно да ги одржуваме државите заедно. Кога ја гледате мапата, сфаќате колку е важно овие земји да станат дел од Европската Унија, рече Меркел.

Повеќето земји членки ја обвинија „тврдоглавоста и кусогледоста“ на Франција кон Западениот Балкан. Макрон одби секаков напредок во проширувањето додека не се измени методологијата на преговарачкиот процес. Холандија и Данска, пак, не сакаат да започнат преговори со Албанија. Во вакви околности, земјите членки го прифатиле францускиот предлог повторно да се одложи одлуката за пролетта 2020, пред самитот за Западен Балкан во Загреб.

Макрон призна – Само одвојувањето на Македонија било решение, но тој одбил

Францускиот претседател Емануел Макрон призна дека на состанокот во Брисел имало јасно мнозинство на земји за почеток на преговори со Македонија, но не и за Албанија. Тој истакна дека бил против одвојување на двете земји.

-Зелено светло за Северна Македонија без Албанија ќе беше смртоносна политичка грешка, а тоа беше единствениот можен консензус, ќе видевме политички и социјални движења од неверојатно насилство, не само кај албанското малцинство во Северна Македонија туку во сите земји каде има албанско малцинство, изјави Макрон.

Во првото обраќање пред јавноста откако ги блокираше преговорите со Македонија и Албанија вчера, Макрон порача дека полноправното членство не треба повеќе да биде единствената политика кон земјите од соседството на ЕУ. Тој истакна дека со „овие земји“ треба да се има „стратешка агенда“, но дека не нужно тие треба да бидат идни земји членки на ЕУ.

-Разговаравме за визијата на секој од нас за Европа, јас не сметам дека проширувањето е единствената политика кон соседството, рече Макрон и додаде дека ЕУ не функционира каква што е сега.

Макрон ја повтори потребата за реформа на процесот на преговори со земјите кандидати и побара тој да биде реверзибилен, односно да може да биде стопиран. Францускиот претседател посебно ги поздрави напорите на премиерот Зоран Заев за Преспанскиот договор и за уставните измени.

-Тие измени беа дел од барањата на ЕУ, но повеќе земји имаа резерви, не затоа што нема напредок, напредок има, но има некохерентности меѓу другото во однос на миграцијата и почитувањето на одредени правила, изјави Макрон.

 За Франција СЈО е услов за старт на преговорите

Франција не е против започнување преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија, но потребно е да се исполнат два услови, кои се многу важни прашања – за Северна Македонија тоа е прашањето за Специјалното јавно обвинителство, а за Албанија правосудните реформи, изјави директорот за континентална Европа во француското Министерство за надворешни работи, Фредерик Мондолони за „Еуропеан Вестерн Балкан“.

– Не станува збор само за француската позиција. Европскиот совет е поделен по ова прашање. Некои земји се залагаат за започнување на преговори со двете земји, а други сакаат отворање на преговори само со едната од нив. Некои земји вклучуваат и билатерални прашања во процесот, вели Мондолони одговарајќи на прашањето во врска со француското противење на започнувањето преговори со Северна Македонија и Албанија.

Мондолини истакнува дека Преспанскиот договор е значителен чекор напред, но тоа не беше единствениот услов што беше поставен во јуни 2018 година за отворање на пристапниот процес.