Веднаш по соопштението од Синодот, весникот ВЕЧЕР побара коментар и од кумановско осоговскиот владика чие интервју го објавивме на 4 декември, но добивме само краток одговор. -Ставовите и одлуките на САС ги прифаќам и почитувам! Во процесот на нивно донесување, секој има право на личен став. А, со прифаќањето на одлуките, без разлика на личниот став, произлегува соборноста на Црквата, изјави владиката Григориј.    

 

Ставовите на кумановскиот владика Григориј, искажани во интервјуто за весникот ВЕЧЕР од 04.12.2020 година се лично негови и не го изразуваат ставот на другите членови на Синодот, се вели во писменото соопштение до јавноста што вчера беше објавено на официјалната интернет страница на  МПЦ — ОА.

-Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква — Охридска Архиепископија останува на својата веќе изградена позиција во однос на решавањето на црковното прашање за својот автокефален статус да разговара со Мајката Црква — Вселенската Патријаршија. Ставовите на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј претставуваат негово лично мислење и не го изразуваат ставот на другите членови на Синодот, пишува во соопштението испратено од Канцеларијата на САС.

Веднаш по соопштението, весникот ВЕЧЕР побара коментар и од владиката Григориј, но добивме само краток одговор.

-Ставовите и одлуките на САС ги прифаќам и почитувам! Во процесот на нивно донесување, секој има право на личен став. А, со прифаќањето на одлуките, без разлика на личниот став, произлегува соборноста на Црквата, изјави кумановско-осоговскиот владика.

Во интервјуто за  весникот ВЕЧЕР кое предизвика лавина реакции, владиката Григориј во врска со признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА истакна дека не е потребна дипломатска офанзива за признавање на автокефалноста на МПЦ‒ОА бидејки, како што смета, МПЦ‒ОА со децении е каноски и правно-устроена, а овластувањата за разговарање на „моќните дипломати“ мора стриктно да се пропишани во „стратегиски документ“, изготвен од Светиот Архијерејски Синод.

Документот треба да е одобрен во црковно-народна процедура, којшто, како конечен авторитет, ќе ги содржи и барањата на народот. Освен за автокефалноста на МПЦ‒ОА, за сè друго може да се разговара, со стварно надлежниот меритум ‒ Вселенскиот Собор, изјави владиката во неговото прво медиумско појавување откако застана на чело на Кумановско-осоговската епархија.

Тој потенцираше дека “МПЦ‒ОА мора да стои цврсто против агресијата за правното наследство на древната Охридска Архиепископија“.

Во врска со најавите дека Цариградската патријаршија може да го примени истиот модел како во Украина, владиката Григориј одговара: “На тој начин таа ќе пресуди дека МПЦ‒ОА е во раскол, притоа ЦП, согласно решението во Украина, ќе побара МПЦ‒ОА да биде решена преку следните постапки: обновувачки Синод (combinatio nova), организациски ќе ја детерминира МПЦ‒ОА како митрополија (деградирање на древната Охридска Архиепископија), ќе создаде Синод на МПЦ‒ОА без право на повисоко организирање во Собор (ќе побара да го укине постоењето на Архиепископскиот црковно-народен собор), избор на нов митрополит на Скопје (како и во Киев) со утврдена изборна постапка од страна на ЦП, воведување Егзарх ‒ кој непосредно би бил управуван од ЦП…Во случај ЦП да употреби т.н. апелација, тогаш не станува збор за автокефална МПЦ‒ОА. Во тој случај, целиот Устав и останатите системски закони на МПЦ‒ОА, во случај да отпочнат и внатрешни противуставни дејства, ќе мора целиот Устав да подлежи на аброгативно ‒ дерогативни процеси (изменување и поништување). Оттука, МПЦ‒ОА самата навлегува во фаза на уставно-правен спор“.

(Е.А.)

ИНТЕРВЈУ СО КУМАНОВСКИОТ ВЛАДИКА ГРИГОРИЈ: Освен за автокефалноста на МПЦ‒ОА, за сè друго може да се разговара,  но со  Вселенскиот собор!