Кој се меша во независното судство?

Одлуката на Апелација за куќен притвор на екс специјалната јавна обвинителка ја крена јавноста на нозе и ги раскара судиите. „Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите",  им пишала Русковска на судиите во Апелацискиот суд во Скопје што ја пуштија од притвор Катица Јанева

79

По три месеци во затворската ќелија во Шутка, новогодишните и божиќните празници Катица Јанева ќе ги помине дома. Со качулка на главата, сокриено лице и марама на рацете за да не и се гледаат лисиците, поранешната шефица на Специјалното  јавно обвинителство во вторникот попладнето беше спроведена во куќен притвор.

Полициско комбе од истражниот затвор во Шутка ја донесе Јанева во станот на нејзиниот син во центарот на Скопје, во близина на Клуб на пратеници, каде ќе го чека судењето за случајот “Рекет“ закажано за 3 декември. Додека се движеше кон зградата, ексспецијалната обвинителка не одговараше на новинарските прашања.

Снимката предизвика дилема во јавноста дали навистина станува збор за Катица Јанева зашто беше маскирана од глава до пети. На социјалните мрежи имаше коментари дека под јакната со качулка е друго лице, а не Катица, па се лицитираше со коментари дека, наводно, маскираното лице ни по висина ни по тежина не одговара на пропорциите на ексспецијалната обвинителка. Дури некои тврдеа дека станува збор за машко лице, коментирајќи дека полицајците нема толку грубо жена да ја изнесуваат под рака.

Како и да е, одлуката на судот да ја пушти Катица Јанева во домашен притвор ја налути обвинителката Вилма Русковска од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција која најави дека ќе отвори финансиска истрага против судиите кои ја донеле одлуката.

„За советот што ја донесе одлуката за куќен притвор, ќе спроведеме финансиска истрага. Со вакви судии нема во ЕУ“, изјави Русковска. Одлуката за замена на мерката за поранешната специјална обвинителка која е обвинета во случајот „Рекет“ ја донеле тројца апелациски судии.

Кривичниот суд претходно  ја одби гаранцијата од 3 стана за поранешната специјална обвинителка да биде пуштена во домашен притвор, а Апелациониот суд пред два дена донесе одлука Kатица Јанева без гаранција да го напушти истражниот затвор и експресно беше спроведена во станот на нејзиниот син.

Второстепениот суд ѝ ја одзел патната исправа, а државата не смее да ја напушта ниту со лична карта. Јанева има забрана да комуницира со луѓето инволвирани во случајот “Рекет“. При носењето на ваквата одлука судот ја ценел и здравствената состојба и дека веќе има обвинение.

Почетокот на судењето за случајот „Рекет“ е закажан за трети декември. Првообвинет е Бојан Јовановски, а на обвинителната клупа ќе седне и Зоран Милески.

Обвинителството ја товари Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и противправно стекнување на имотна корист во мебел и пари. Според обвинението, Јанева му ја олеснила положбата на бизнисменот Орце Камчев во случајот „Империја“ за перење пари. За тоа добила мебел од 5 илјади евра и 50 илјади евра во кеш.

Обвинителка Русковска најави дека ќе покренат финансиска истрага за тројцата судии од второстепениот суд кои ја прифатија жалбата на Катица Јанева и ја заменија мерката притвор со куќен притвор.

Русковска разочарана, кои се судиите што ќе бидат истресени од гаќи?

„Од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага“, им пишала обвинителката Вилма Русковска на судиите непосредно по објавувањето на одлуката за укинување на притворот за Катица Јанева.

„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите.” Ова е СМС-пораката што обвинителката Вилма Русковска ја испратила до судиите во Апелацискиот суд во Скопје што ја пуштија од притвор Катица Јанева. 

Пораката која ја испратила Русковска ги собра на итен колегиум судиите од второстепениот суд. По средбата што се одржа вчера утрото, Колегиумот, како што се посочува во соопштението од Апелација,  оценил дека искажаните сомневања на Рускоска се паушални, неосновани и грубо мешање во работата на судот.

Апелацискиот суд Скопје смета дека ваквото однесување на јавен обвинител претставува искористување на позицијата на јавен обвинител и обид преку јавен настап да се наметне постоење на елементи на корупција во постапувањето на Кривичниот совет и да се изрази неосновано и паушално сомневање во поглед на правилноста и законитоста на одлуката на Кривичниот совет за определување на мерка куќен притвор, која по својата законска поставеност и правна природа е мерка која по мерката притвор, претставува најстрога мерка за обезбедување присуство на обвинетите во кривичната постапка.

Ваквото постапување на јавен обвинител претставува преседан во правосудниот систем, со кое директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт и слободното судиско убедување при донесување на судските одлуки, што во секој случај, претставува кршење на Уставот, законите и Етичкиот кодексот на јавните обвинители.

Токму ваквото недолично однесување на јавен обвинител, кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција, истовремено, претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката.

 Обвинителството се огради

Во исто време, Апелацискиот суд за СМС-пораката ја пријавил шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска кај Државниот обвинител Љубомир Јовески и Советот на јавни обвинители и побарал од нив да преземат мерки.

Од Обвинителство се оградија од реакцијата на обвинителката Русковска, а СМС- пораката ја оценија како израз на моментално разочарување.

„Како единствен државен орган, кој е надлежен за кривично гонење и се грижи за законитоста на кривичниот прогон, Јавното обвинителство нагласува дека ги почитува судските одлуки и не се меша во работата на судската власт.

Реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение, очекува судска разрешница“, се наведува во реакцијата од Јавното обвинителство.