Власта и опозицијата и понатаму наместо договор и заеднички црвени линии околу надорешната политика, ја продолжуваат препирката за тоа кој работи за бугаризација, а кој за македонизација на земјава. Продолжува и нивната дебата дали уставните измени ќе бидат последната билатерална сопка од Софија или ќе следуваат многу други за да се усогласат различните историски ставови со источниот сосед.

Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, во интервју за телевизија „21“, посочи дека власта со сите сили се бори да го продолжи процесот на македонско зачленување во Европската Унија, бидејќи во спротивно, ќе продолжи „бугаризацијата“, која започнала за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

– Во НАТО влеговме, и тогаш нè плукаа предавници и слично, влеговме во НАТО. Сега ни е на дофат ЕУ. Сега, ако не го направиме овој чекор, следува бугаризација. Што е бугаризација за која ВМРО-ДПМНЕ зборува во континуитет. Бугаризација беше додека 11 години ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, зошто, затоа што во тие 11 години се извадени рекорден број бугарски пасоши за македонски граѓани. Зошто, затоа што луѓето во очај си бараат подобра перспектива, одеа во Софија, Пловдив, потпишуваа дека се чувствуваат како Бугари, дека имаат бугарски корени – наведе Богоев.

Ако видат дека не може да влеземе во ЕУ поради, како што истакна, инаетот на Мицкоски и на Апасиев, според него, македонските граѓани повторно ќе почнат масовно да вадат бугарски пасоши и ќе имаме бугаризација на населението.

– Концептот што го нудиме ние за членство во ЕУ до 2030 година е концепт на македонизација, обратно од бугаризација. Македонски пасош, македонско државјанство, животот во Македонија да вреди. Ние нудиме концепт на македонизација и живот по европски стандарди во Македонија. А, тие нè туркаат во изолација, изолација значи бугаризација. Луѓето во очај одат и вадат бугарски пасоши и се потпишуваат како Бугари. Таа е разликата меѓу нив и нас – заклучи Богоев.

Тој додаде дека на лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бил постигнат договор во однос на уставните измени, но поради отпор на радикалите во опозициската партија, договорот не заживеал.

– Мицкоски излезе и го кажа, вели, договоривме техничка влада, барам да биде без ДУИ, па потоа, изгледа, го искараа, има една структура внатре во ВМРО-ДПМНЕ, порадикална, која, условно кажано, го влече за уши и го враќа во колосек кон национализам и кон закопување во ровови – истакна Богоев.

Но, од најголемата опозициска партија остануваат на ставот дека власта и премиерот Ковачевски немаат национален консензус за уставните измени не само со опозицијата туку и со над 85% од граѓаните. Според портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, последните изјави од бугарскиот врв во врска со Илинден јасно ги покажуваат следните бугарски потези во однос на македонската држава.

– Имено, и бугарскиот претседател Радев и бугарскиот премиер Денков го декларираа Илинденското востание како бугарско, чија крајна цел била присоединување на Македонија кон Бугарија. Ова е историска невистина, претставува директно негирање на македонскиот идентитет и темелот на македонската државност, но и патоказ за бугарското дејствување во иднина. Ковачевски го премолчи ова во интервјуто и нема ниту збор за него. Јасно е дека Бугарија е подготвена, преку протоколите и преговарањето за заедничката историја, целосно да го смени наративот на македонската историја и државност и да ги претвори во услов за нашето напредување кон Европа. Ковачевски го прифати ова, па сега бара национален консензус. Што значи, со други зборови, други да ја споделат со него одговорноста за катастрофалната политика и дипломатија. Со своите ароганција и игноранција, Ковачевски пропушти да го направи националното единство пред точно една година. И тогаш и сега порачуваме, промена на Уставот под бугарски диктат нема да има! И тогаш и сега велиме: потребни се институционални гаранции од ЕУ за многувековниот идентитет на македонскиот народ, но и гаранции дека процесот на преговори нема да се претвори во подвижна цел по која ќе следуваат нови и нови условувања до целосна асимилација на Македонија и македонскиот народ. Промената на Уставот под бугарски диктат не е решение, туку само ги отвора апетитите на негаторските кругови во Бугарија – истакна Стоилковски.

(И.С.)