Костадиновска-Стојчевска: Општина Охрид да ја преиспита изградбата на објект во Лагадин, до конечната одлука таму да нема активности

71

Националната комисија за УНЕСКО денеска на седница донесе заклучок на Општина Охрид да ѝ се препорача повторно да ги разгледа активностите поврзани за изградба на објект на крајбрежјето во Лагадин, притоа водејќи се по препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и почитувајќи го Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

– Силно препорачуваме сите активности поврзани со овој објект да бидат ставени во мирување до конечноста на одлуката на Општина Охрид, изјави министерката за култура Бисера    Костадиновска-Стојчевска по седницата на Националната комисија за УНЕСКО.

Исто така, на Општина Охрид ѝ се препорачува, рече министерката, да ја поништи Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и ж урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, број 08-17370/61 од 22 декември 2022 година и да донесе нова Одлука која ќе биде во согласност со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, имајќи предвид дека во Законот управувањето со светското природно и културно наследство е од јавен интерес.

– Во новата Одлука Општина Охрид  треба да има предвид  дека Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не предвидува исклучоци како што е наведено во членот 4 од Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, број 08-17370/61 од 22 декември 2022 година, рече Костадиновска-Стојчевска.