КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ:  Луѓе или креатури

120

Народот кој ги дал Кирил и Методиј на светот е денес народ кој е на дното на листата на писменоста. Народот кој ги изнедрил учителите кој го описмениле светот е денес народ со функционално неписмени деца. Оваа поразувачка вистина не само што ја отсликува сегашноста, туку ја детектира  и дијагностицира нашата општествена рамнодушност, некадарност и растроеност, а ја предвидува и обликува нашата иднина.

Факторите кои довеле до ваквата состојба и кои и понатаму влијаат се многубројни и се испреплетуваат но неколку од нив се клучни.

Политиката престана да биде занимање на учени и образовани луѓе, политичките партии од движечка сила за напредок станаа ретроградна сила, кочничар на развојот и напредокот, политиканството  и популизам како стил на владеење, улизувачкиот и полтронски однос кон меѓународните институции и барања, разнебитеност на семејството, постојано потенцирање на правата, а заборавање на обврските и одговорноста, маргинализирање на квалитетот и знаењето наместо тоа фаворизирање на партиската и национална припадност, разнебитување и гаснење и на националната свест и патриотизмот…

Политиката престана да биде занимање на учени и образовани луѓе наместо тоа стана хоби на полуписмени партиски лакташи кои ниту имаат програма ниту визија, во краен случај ниту желба за напредок и раст на општеството, а богами ниту капацитет за придвижување и подобрување на општеството. Единствена цел на политикантите во последните неколку децении е гола желба за власт чија движечка сила е алчноста и мислата за лично богатење која неминовно доведе до корумпираност на секој сегмент од општеството. Ваквите ликови политиката ја доживеаја како можност да ги задоволат и своите фрустрации и својата желба за лесно, брзо и без мака богатење, државата ја сметаат за своја сопственост, функцијата за свое наследно и природно право без обврски и одговорности, а од слуги на народот се преродија во господари на народот и државата. Ваквиот ментален склоп и ваквата поставеност на работите неминовно условува постоење на статус-кво и отпор кон какво било придвижување на општеството кон подобро при што политичките партии стануваат ретроградна сила, кочничар на развитокот и напредокот. Ваквиот, пак, начин на владеење нужно доведува до политиканството и популизам како стил на владеење, до систем во кој повеќе ниту квалитетот ниту знаењето не се битни, во кој лагата станува вистина, а вистината станува непожелна и опасна. Маргинализирање на квалитетот и знаењето наместо тоа фаворизирање на партиската и национална припадност, уште повеќе го уназадува и разнебитува системот кој веќе долго време ниту е функционален ниту претставува систем. Ваквиот однос и владеење нужно се рефлектира на сите сегменти на општеството, па и на образованието и децата.

Аминувањето на сè што странците ќе предложат, без критичко размислување, без приспособување на нашите потреби и менталитетот, без оценка во крајна линија дали ни е потребно, уште повеќе го поткопа нашиот систем, но и основните општествени клетки и изврши длабоко и неповратно влијание и на моралните и човечките вредности.

Создадовме систем во кој децата ниту имаат воспитување, ниту почит, ниту знаење, систем во кој учителот и професорот повеќе се плашат од својот ученик отколку овој од професорот. Некогаш учениците стануваа кога влегуваше професорот во училница како знак на почит, денес е тоа научна фантастика. Некогаш професорот ги повикуваше родителите за да им укаже на проблемите, однесувањето или успехот на детето, денес родителите ги повикуваат професорите за да им се заканат што бараат знаење или дисциплина, денес учениците ги прозиваат професорите по социјалните мрежи.  Невладините организации се со полни усти за правата на детето, постојано трубат за правата, но ни збор не кажуваат за обврските и одговорностите, Таквата анархија и општествена изопаченост создава паразити и мрзливци кои се неспособни за самостоен нормален живот, создава креатури кои ниту му се потребни на општеството ниту на државата. Постојаното експериментирање со образованието со прифаќање на сè што ќе се спомне или предложи од меѓународните или невладини организации ги прави одговорните да функционираат по системот „мајмун ради шта мајмун види“, создавајќи „мајмуни“ кои не прават ништо.

Образованието е најмоќно оружје кое може да се користи за да се смени светот рекол Нелсон Мандела, а сите ние би требало да се замислиме и да се обидеме да го запреме обратниот процес на еволуција и младите да станат луѓе, инаку нема да имаме иднина.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)