Велигден 2023 година, илјадници туристи во Ерусалим, меѓу нив и ние, група од Македонија и Душан Михалек, нашиот водич на овој аџилак. Наредните денови Душан ќе ни раскажува за најголемите христијански светињи додека нè водеше низ светата земја по која чекореле Исус, Светите Петар, Павле, другите апостоли, но ни раскажуваше и за себе и за својот живот, кој од Нови Сад го довел во Израел, каде што и живее со сето свое семејство, со своите десетина внуци. Душан зрачеше со верба, скромност и едноставност и своето огромно знаење несебично го делеше со нас. Поради таквиот свој животен став и кроткост, стекнал безброј пријатели меѓу Евреите, Арапите, но и меѓу многу луѓе низ светот.
Денес, октомври 2023 година, Душан Михалек најголемиот дел од времето го поминува во страв за своите најблиски и тага и немир поради својот 24-годишен внук Мор, кој едноставно исчезна по терористичкиот напад на Хамас, на израелска територија. Неизвесноста разјадува, не само онаа на Душан туку на стотици илјади луѓе од двете страни на израелската граница. Зошто? Што може еден 24-годишен човек некому да направи за да го убие без милост, што тоа направија луѓето во возилото, кое во движење е изрешетано од убиците на Хамас, за што се виновни децата кои ги убиваа како животни, гонејќи ги по шумата и грмушките, што скриви девојката која полугола, измасакрирана ја влечеа и плукаа по неа крвниците без душа, совест и храброст кои себеси се нарекуваат борци, а убиваат неворужени деца. Израел се подготвува за противудар со сета сила што ја поседува, се подготвува за тотална ликвидација на Хамас, која ќе ја следат стравотни разурнувања и многу цивилни жртви. Уште мајки ќе бидат завиткани во црнина, уште дедовци ќе тагуваат по своите внуци.
И сето тоа се случува на земјата која е света за секој човек на Земјината топка, без оглед дали е христијанин, евреин или муслиман. Таму на падините на Храмовата Гора во Ерусалим блешти златната купола на Аl Aksa, светиња на светињи Купола над карпата, до неа ѕидот на Соломон, од кој останал само ѕидот на плачот, а над нив погоре блескаат две сребрени куполи кои се воздигнуваат над Голгота и над Светиот гроб. Секоја од овие светињи е поврзана со љубов, почитување, заедништво, мир, човечност без оглед што припаѓаат на различни религии.
Но истите тие кои секој ден ги гледаат, поминуваат покрај нив, живеат од нив поради посетите на туристите и аџиите ништо ниту научиле ниту сфатиле. И ден денес, наместо да се сплотуваат тие се делат и тоа, верували или не, и по соларните бојлери кои се наоѓаат на покривите на куќите. Бели и црни, зависно дали е куќата еврејска или муслиманска.
По социјалните мрежи навивачки, секој со свои аргументи и омраза навива за Палестина или Израел, несфаќајќи дека навива за уште крв и страдања, уште мртви и уште солзи и тага на блиските. Им ги бакнуваме рацете на оние кои го планирале нападот на Израел, изјави иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи, покажувајќи го безумието и слепилото на верскиот фанатизам и на сите оние кои повикуваат на уште омраза, на уште страдања, жртви, разурнувања.
За терористите на Хамас жртвите се само мртви неверници и средство за застрашување, објект на омраза, цел за некакви умоболни и неостварливи цели, тие се само бројка без име и лик, но болката на сите роднини и пријатели е лична и неутешна, а омразата која ја создадоа огромна. Кога израелската армија ќе настапи, жртвите ќе бидат статистичка бројка, цивилите колатерална штета, а болката на засегнатите повторно ќе биде лична и неутешна. Омразата создава омраза, акцијата реакција, пролиената крв ќе бара уште крв и така во круг, во бескрај. А солзите на оние кои се најмалку виновни ќе течат, за оние кои ги нема повеќе меѓу нас живите ќе се молат во синагогите, црквите, џамиите, но нема да го слушнат она што храмовите и светците од праискона го шепотат за љубовта, а кога молитвата ќе заврши повторно ќе мразат.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)