КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Лагата стана вистина

251

Од настанувањето на човекот, па до денес, од памтивека, едно од најчестите прашања што си го поставуваат луѓето себеси и на другите е што е вистина. И денес се кршат копја не само околу самата дефиниција за вистината, но и околу нејзиното постоење. Грчкиот збор за вистина е „alētheia“, што буквално значи да се открие, ништо да не се скрие. Хебрејскиот збор за вистина е „emeth“, што значи цврстина, постојаност, траење. Некои од филозофите ја дефинираат вистината со реалноста, други, пак, се приврзаници на теоријата на релативизмот и тврдат дека не постои апсолутна вистина и дека таа е релативна. Теоријата на скептицизмот се сомнева во секоја вистина, а теоријата на плурализмот тврди дека сите вистини се валидни. Еден дел на филозофите сметаат дека постои апсолутна вистина само кога се верата и религијата во прашање, други сметаат дека вистината сама по себе е арогантна во тврдењата дека еден е во право, а друг не, трети сметаат дека вистината прави раздор и поделби и така во круг, сите со своето размислување и гледање се спротивставуваат едни на други. И ден- денес траат полемиките и препукувањата во филозофските кругови околу вистината, но полемиките, препукувањата и докажувањата околу вистината се присутни во секоја област на општественото живеење.

Со вистината се занимавале и познати личности и секоја од нив ја дефинирала и објаснувала на свој начин. Па така,  Винстон Черчил сметал дека додека вистината ги облече панталоните, лагата го обиколила половина свет. Томас Ман сметал дека и штетната вистина повеќе вреди од корисна лага, а Махатма Ганди сметал дека дури и кога си во малцинство, вистината е вистина.

До денешен ден, не постои дефиниција за вистината која би ги задоволила сите забелешки на различните филозофски правци и која би одговорила на сите прашања. Најчесто вистината се дефинира преку спротивноста со лагата или со стварноста како субјективен одраз, но и понатаму не дава одговор и не ја дефинира вистината во нејзиното целосно значење и светлина.

Но, без оглед на дефинициите и филозофските расправи и надмудрувања за вистината и нејзиното дефинирање, вистината, како поим, е постојано присутна во секојдневниот живот. Вистината е најупотребуваниот и најзлоупотребуван збор и во нашата земја, особено во политиката и политичкиот живот, но и во севкупното општествено живеење.

Секојдневно ги слушаме политичарите како се колнат во вистината, устата им е полна со неа и го изедначуваат секое свое ветување со неа. Весниците за сето она што е напишано и отпечатено, тврдат дека е вистина, а порталите ја објавуваат само вистината, но…

За жал, во денешно време, вистината не е идеал, вистината не е на цена, не е доблест и служи единствено за замајување, мамење и лажење на народот. Над човештвото надвиснале црни денови на пропаѓање на сето она што е вредно и нормално, опаѓање на сето она што е морално и исправно. Дојде време во кое доблестите се исмеваат, служат за мајтапење, се слават изопаченоста и накарадноста, вистината денес е навреда, а лагата стана вистина.

Секој малку свесен и совесен човек безброј пати си го поставил прашањето што е вистина, а што лага, безброј пати се обидел да ја дефинира и осознае вистината и да ја разграничи од лагата, што, во денешно време, не е воопшто лесно. Дефинирањето и осознавањето на вистината е длабоко поврзано и зависно од моралните вредности и воопшто, системот на вредности и стандарди на личноста, зависно од етичките принципи и начела, од воспитувањето и карактерните особини, но и од реакцијата и постапувањето на правниот систем. За жал, во времето во кое живееме, моралните вредности се уништени и обезличени, не постојат етички принципи, бидејќи сè е дозволено, а честопати и неказниво, воспитувањето на младите луѓе им е препуштено на улицата и порталите, а правниот систем е уништен, разнебитен и не ѝ служи на целта поради која и постои, туку им служи на политичките потреби и желби на поединци. Проблемот на спознавање на вистината и разликување од лагата е дополнително отежнат во денешно време и со средствата за јавно информирање, а особено со порталите и социјалните мрежи со кои управуваат поединци или политички партии на кои им е светиња само нивниот личен интерес. Вистината кај нас не се утврдува според фактите, туку се цени и утврдува според бројноста на викачите, „хушкачите“ и ботовите, кои се задолжени лагата да ја направат вистина.

Некогаш, не така одамна, вистината и искреноста, како тежнеење да се соопшти или да се зборува вистината, беа доблести кои им беа всадувани на децата од мали нозе со домашното воспитување што започнуваше во семејството, кое претставуваше основна клетка во општеството и општественото живеење. Воспитувањето што го добивале децата првично од своите родители, било надградувано во училиштата, кои имале не само образовна туку и воспитна функција. Вистината имала централно и најбитно место во таквиот систем на образование и воспитување, во системот на моралните вредности, а без исклучок биле применувани санкции за отстапување од правилата, моралните начела и вредности, кои биле негувани тогаш, и тоа не само во рамки на правниот систем туку биле применувани и општествени и морални санкции. Од морална осуда до социјална изолација се движеле општествените казни и прекори за лага и измама, а биле применувани, паралелно со нив, и санкции предвидени со правниот систем, кој бил функционален и доследен. Разнебитувањето на семејството и трката по пари, поттикнувањето и негувањето потрошувачки менталитет, деградацијата на моралните вредности нужно ги условиле деградацијата и пропаѓање и на воспитниот, но и на образовниот систем. Партизацијата на општеството и доминацијата на политиканството со кое започнаа да се занимаваат луѓе алчни, неморални, со лукративни намери, продолжуваат да го рушат и обезвреднуваат системот на морални и човечки вредности, а вистината ја сатанизираат и анатемисуваат. Со создавање неприродни сојузи помеѓу политичарите, тајкуните и подземјето и злоупотребата на политичката моќ и власт за свои лукративни цели и интереси на своите роднини и пријатели, уште повеќе ги деградира и правниот и општествениот систем, а вистината ја прави не само несакана туку и опасна.

Средствата за јавно информирање престанаа да бидат сервис на граѓаните, а станаа  средство и алатка за политичка пропаганда и креирање вистина по мерка и волја на власта и моќниците.

Во една таква поставеност на општествените односи, исклучително е тешко, речиси невозможно, да се негуваат вистинските морални и човечки вредности и ставови и тешко е да се одвои лагата од вистината. Лицемерието, полтронството, додворувањето, лажливоста, клиентилизмот станаа вообичаен начин на однесување меѓу луѓето. Лагата стана поисплатлива и поценета од вистината. Дури и од законите ја исфрливме вистината како основно начело, цел и вредност, а наместо неа, создадовме правила што ниту се разбирливи ниту логични и немаат никаква врска со вистината. Впрочем, како да се бориме против лагата кога индивидуите што ги заземаат највисоките државни позиции, и тоа не само кај нас, постојано се служат со лаги и полувистини, и не само што око не им трепнува додека ги изговараат туку нема никаква последица и санкција за таквото однесување дури и кога се разоткриени.

Пораката што им ја испраќаме на младите со тоа е катастрофална и како да им велиме: „Лажи, лажи ме, вистината за глупавите е“, без притоа да сфатиме дека само со вистина, искреност и доследно почитување на моралните и на човечките вредности може да го зачува општественото ткиво, а со тоа да го гарантира и нашиот опстанок како луѓе и народ што се протега од праисконот.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)