Процесот на уставни измени е клучен за евроинтегративниот пат на државата и не треба да биде условуван, порача премиерот Димитар Ковачевски по најавите од здружената албанска опозиција дека нема да гласаат за уставните измени и за внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав сè додека формулацијата „20 отсто од јазикот што го зборуваат граѓаните“ не се промени во „албански јазик“. Ковачевски вчера рече дека за промена на „20 отсто“ со „албански јазик“, потребен е широк консензус и согласност од сите партии потписнички на Рамковниот договор, бидејќи Договорот е донесен во тешки услови и со компромис, чии гаранти се САД и ЕУ. Премиерот се надева дека постои демократски капацитет во земјава за да се донесат одлуки кои ѝ се потребни на државата за да го продолжи евроинтегративниот пат и за да ги отвори кластерите.
– Кога се разговара за Охридскиот рамковен договор, треба да се дискутира во поширок контекст. И јас имам лично искуство во Рамковниот договор. Тој беше донесен во тешки услови, низ еден компромис, кој го гарантираа и САД и ЕУ и секоја промена таму ќе бара многу широк консензус од сите партии потписнички на Договорот. Во моментов, имаме една голема цел, која ни е на дофат и која треба да ја оствариме и за првпат блокадата не доаѓа однадвор, туку однатре – го коментираше вчера Ковачевски условувањето од албанските опозициски партии.
Демократското движење, Беса и Алтернатива претходно го условија гласањето на уставните измени за внесување на Бугарите додека процентот не стане „албански јазик“. Лидерот на Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, пред неколку дена порача дека пратениците на Беса нема да гласаат за уставните измени сè додека формулацијата „јазикот што го говорат 20 отсто од граѓаните“ не се замени со „албански јазик“. Касами рече дека неговата партија недвосмислено е за носење на уставните измени, оти тие ќе го забрзаат патот на земјава кон Европската Унија, но, како што рече, Владата уште еднаш покажува оти не е заинтересирана да ги усвои измените колку што е заинтересирана да го истурка својот мандат до крај. Касами вели и дека албанската опозиција окрупнува и ја отвора вратата за партиите што ќе ѝ се спротивстават на ДУИ.
– Ние, како движење, пуштивме формално барање, но и заеднички став на албанската опозиција дека во делот на уставните измени треба да влезе и промена на формулацијата на албанскиот јазик од „јазик што го зборуваат 20 отсто од граѓаните“ во формулацијата „албански јазик“. Владата не чувствува ни најмала одговорност да го стави тоа во процедура без да има обврска во Собранието да ни ги обезбеди гласовите – изјави Касами во интервјуто за РСЕ.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, деновиве уште еднаш повтори дека уставни измени под бугарски диктат нема да има и вели дека признанието на Османи дека ова не е последно барање, требаше да донесе и оставка на целата Влада, која го постави ова како прашање број 1. Минатата недела, министерот за надворешни работи Бујар Османи, во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, изјави дека Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ и дека Бугарија може да продолжи да формулира нови барањата за малцинските права врз основа на издадените бугарски државјанства.
Формулацијата „20 проценти“ во Уставот беше додадена по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој му се стави крај на конфликтот во 2001 година. Согласно со оваа формулација, во Македонија и во меѓународните односи на земјава, службен јазик е македонскиот, како и кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од населението. Со промената на процентот во „албански јазик“, албанските опозициски партии сега го условуваат гласањето на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, што, пак, е услов за продолжување на македонските евроинтеграции. Од Алтернатива бараат да биде прифатен и нивниот амандман против корупцијата. Со противењето на албанската опозиција и на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, голем е бројот на пратеници што не ги поддржуваат уставните измени, но премиерот Ковачевски и понатаму е оптимист и вели дека власта на принципиелна основа разговара со пратениците од опозицијата за да ги убеди да гласаат за промена на Уставот. (В.С.Н.)