Ковачевски го повика Мицкоски да ги предаде доказите на МВР и Обвинителството за двојното убиство на Вања и Панче

111

Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски го повика претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да ги достави доказите што, рече дека ги има за двојното убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски, а кој синоќа во телевизиско интервју говореше за овој случај.

-Што се однесува на коментарите на лидерот на опозицијата, тој во многу случаи се има поставено како истражител и како обвинител итн., нема да навлегувам во тоа со што сака да се бави. Меѓутоа прикривање на докази, за коишто вели дека ги има е исто така кривично дело и затоа доколку има докази треба сите да ги достави до Министерството за внатрешни работи или до Обвинителството, бидејќи се работи навистина за еден грозоморен чин, којшто е направен од нелуѓе и коишто треба да бидат изведени пред лицето на правдата и согласно законите да бидат најстрого казнети, изјави Ковачевски.

Ковачевски посочи дека Министерството за внатрешни работи во соработка со Интерпол, како и со Србија, Хрватска, Турција и Бугарија успеа да ги лоцира сите извршители на овој грозоморен чин, како и да ги приведе сторителите и обезбедените доказни материјали да ги достави до Јавното обвинителство.

– Во однос на сите информации што се однесуваат за истрагата, министерот за внатрешни работи и неговите колеги имаа детелни прес-конференции, а во однос на сите информации коишто ги има јавното обвинителство имаше прес-конференција јавниот обвинител и соодветни соопштенија. Така да не би навлегувал со коментари во нивната надлежност на работа, рече Ковачевски.

Прашан колку ќе трае екстрадицијата на првоосомничениот Љупчо Палевски од Турција, со оглед на информациите дека може да трае минимум 40 дена, Ковачевски со одговор дека очекува сепак екстрадицијата да биде побрзу реализирана, а како што рече Министерството за правда ги подготвува сите материјали, согласно Закон и согласно меѓународната пракса за екстрадиција.

-И ќе бидат направени во најбрз можен рок, така да нема да се чекаат долгите рокови, коишто вие ги наведовте. Туку во најбрз можен рок, веќе се прибираат сите потребни документи и од Интерпол и се прави подготовка на списите, се прават соодветните преводи и веднаш се ќе биде испратено во Република Турција и затоа веќе имаше соопштение во детали, што се се прави од Министерството за правда, додаде Ковачевски.