Оркестарот на Македонската филхармонија овој четврток (7 декември, 20 часот) ќе одржи концерт кој претставува возбудлива музичка одисеја во која класиката создава паралелна приказна на големото филмско платно.

Концертот е насловен „Бесмртност“, а ќе прозвучат дела од големите класични мајстори Маскањи, Моцарт, Бетовен, Мусоргски, Штраус, Барток, Вагнер овековечени во филмските ремек-дела на браќата Коен, Скорцезе, Форман, Кјубрик, Аронофски, Копола…

Диригент е маестро Вања Ѓумар Николовски. Тој на Факултетот за музичка уметност во 1992 дипломира на Одделот за диригирање, а во 1993 на Одделот за композиција. Во 1995 и 1996 специјализира диригирање во Санкт Петербург, на конзерваториумот „Николај Римски Корсаков. Мастер студиите по композиција ги продолжува во 1999 во Скопје. Во 90-тите години развива богата диригентска дејност, настапувајќи со повеќе хорски и инструментални ансамбли во Македонија (меѓу кои и Македонската филхармонија, хорот на Македонската радио-телевизија, хорот „Мирче Ацев“ и др.), а Македонската опера и балет е неговата матична куќа. Во почетокот на овој век се преселува во САД каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност. Бескрајната творечка љубопитност подоцна го води и во други творечки правци – минимализмот, џезот, фолклорот, не само на сопствената земја туку и на другите народи од различни континенти.