Катна гаража ќе ја замени монтажната зад ТЦ „Буњаковец“?

1718

Од „Шанса за Центар“ велат дека за таа цел се предвидени 5,2 милиона денари и оти проектот се прави без анализа, без физибилити студија и без консултација со граѓаните, иако катната гаража може да биде висока и до 29 метри. Одговорот од Општина Центар е дека монтажната гаража зад ТЦ „Буњаковец“ има околу 100 паркинг-места, што не е доволно за да се задоволат потребите на граѓаните, па се во потрага по долгорочно решение и стратегија. Според општинските власти, проектот би требало да биде изведен со поддршка од ЕУ-фондовите

 

Општина Центар планира да гради катна гаража на местото на монтажната зад ТЦ „Буњаковец“. За тоа, како што велат од „Шанса за Центар“, се предвидени 5,2 милиона денари. Tоа се прави без анализа, без физибилити студија и без консултација со граѓаните, иако гаражата може да биде висока и до 29 метри.

– Побаравме прво да се анализира како ќе влијае еден ваков џиновски објект на околината и на сообраќајот кај ООУ „Песталоци“. Колку паркинг- места има сега, колку се потребни и има ли воопшто потреба од таква гаража или финтата, како и со сите гаражи досега, е на мала врата да се протне нов трговско-деловен центар? – потенцираат од „Шанса за Центар“.  

Оттаму додаваат дека, на последната седница на Општина Центар, мнозинство од советниците ја прифатиле оваа промена. Од Општина Центар информираат дека е факт оти еден од најголемите проблеми во Центар е паркирањето.

– Фреквенцијата на луѓе и сообраќај е голема, бидејќи се работи за централно градско подрачје во кое се лоцирани клучните институции и објекти. Постојано обезбедуваме резидентни паркинг-места, но и тие се малку со оглед на тоа што едно семејство поседува и по неколку автомобили. Особено се големи проблемите со паркирањето во Дебар Маало, Буњаковец, на улиците околу градскиот плоштад и во Капиштец – појаснуваат од Општина Центар. 

Оттаму додаваат дека монтажната гаража зад ТЦ „Буњаковец“ има околу 100 паркинг-места, што не е доволно за да се задоволат потребите на граѓаните што имаат потреба да паркираат на оваа фреквентна локација, на која се наоѓаат пазарчето, училишта, градинки, ординации и др.

– Соочени со ваков акутен проблем, поради кој се создава хаос во сообраќајот, постојано сме во потрага по долгорочно решение и стратегија, но засега правиме само анализи – децидни се од локалната самоуправа.

Вo развојната програма на Општина Центар за 2024 година се предвидени средства за оправданоста на еден ваков проект.

– Допрва треба да се направи и елаборат за заштита на животната средина. Не се планира никакво јавно партнерство, ниту објекти за деловна намена во катната гаража. Проектот би требало да биде изведен со поддршка од ЕУ- фондовите – заклучуваат од Општина Центар.

(А.П.)