ИНТЕРВЈУ СО СОЛЗА ГРЧЕВА: Секој ден поминат со оваа власт е загуба за Македонија и за сите граѓани,  нè чека тешка работа по пустошот кој ќе го остави зад себе!

234

Моменталната политичка состојба е катастрофална. Ова е чума. Македонија не цутеше никогаш по осамостојувањето и се правеа многу  грешки. Но, ретко кој можеше да претпостави дека со оваа власт ќе го стигнеме дното. Во сите години од 2016 година, имавме власт на неодговорни луѓе, неработници, мега корумпирани, кои дури се дрзнаа да тргуваат со нашите национални интереси. Секој ден поминат на власт на оваа гарнитура, е загуба за Македонија и за сите граѓани, вели претседателката на Глас за Македонија, Солза Грчева, во интервју за весникот ВЕЧЕР. На претстојните претседателски и парламентарни избори одат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ од, како што вели, две причини. „Првата и најважна е, што сметам дека ова катастрофално владеење на СДС/ДУИ мора да оди во заборав, а втората за нас е прагматична. На парламентарните избори во 2020 година, на Глас за Македонија му беа одземени на мистериозен начин цели два пратеника. Која мала или ако сакате нова партија може да има средства за голем број набљудувачи? Не еднаш сум говорела за дефектите во Изборниот законик и криминогениот изборен процес. Тој не дава фер шанса на партиите како нашата“, вели лидерката на Глас за Македонија. Таа е сигурна во победата на следните избори и посочува дека ги чека тешка работа по пустошот кој ќе го остават париите од сегашната власт позади себе. Со Грчева разговараме и на други актуелни теми како проблемот со пасошите и Преспанскиот договор, за сегашната општествено политичка ситуација…

 

-Се наоѓаме во пресрет на претседателските и парламентарни избори, па неизбежно е прашањето како Глас за Македонија се подготвува. На локалните избори излеговте со свои листи пред граѓаните и добивте сериозна поддршка, но на парламентарните сепак Вашите партиски тела се одлучија за коалициски настап со ВМРО-ДПМНЕ. Која е причината и која е главната идеолошка врска која ве спои?

Постојат две сериозни причини зошто се одлучивме да влеземе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на претстојните претседателски и парламентарни избори. Првата и најважна е, што сметам дека ова катастрофално владеење на СДС/ДУИ мора да оди во заборав. Владеење, исполнето со рушење на македонскиот идентитет и држава, незнаење да се води дипломатија, повладување на уцени, корупција до врв потврдена и од странски институции, уништени и до крај партизирани институции, хаос и криминал во здравството, крајно незадоволство кај народот, итн. Надминувањето на овие драматични проблеми, ја формира нашата идеолошка врска. За да се сруши овој тип на владеење, Глас за Македонија зазема став дека што повеќе опозициските сили се обединат, шансите се поголеми. Денес, нашата коалиција води значително на сите анкети.

Втората причина, за нас е прагматична. На парламентарните избори во 2020 година, на Глас за Македонија му беа одземени на мистериозен начин цели два пратеника. Која мала или ако сакате нова партија може да има средства за голем број на набљудувачи? Не еднаш сум говорела за дефектите во Изборниот Законик и криминогениот изборен процес. Тој не дава фер шанса на партиите како нашата. Никаква. Дури ни да се жалите на изборните резултати, не добивате одговор. Затоа решивме да не влегуваме во реприза на тие избори, каде до крај имавме висок рејтинг, за да завршиме по бројот на гласови, како некоја анонимна партија, која не била никаде и никогаш присутна во јавниот живот.

 

Каква кампања очекувате и дали очекувате фер изборен процес? Можно ли е на македонската политичка сцена да се води витешка борба на идеи меѓу политичките ривали?

Не очекувам позитивна кампања од владиниот блок. Ним не им останува ништо друго, освен да го валкаат противникот, веќе сега формираа измислени партии за да се одземат гласови од опозицијата, направија расцеп во Алијансата на Албанците и многу други проѕирни итроштини. Тие кампањата ќе ја водат единствено на лажната премиса, дека тие се наводно за брз влез во ЕУ (по секоја цена, која видовме е неприфатлива), а ВМРО-ДПМНЕ наводно ги одвлекува од тој пат. Тоа е многу проѕирна тактика, знаејќи го нивното однесување кое нема ништо заедничко со, пред сè цивилизациско однесување. Исто така се навикнавме и уште сега гледаме по билборди низ градовите нереални ветувања, кои ако беа искрени можеа и до сега да ги реализираат. Од друга страна, опозицијата ќе води цивилизирана кампања каква што беше на локалните избори. Таа конкретно ќе ја изложи својата програма, со реални проекти и можности и секако дел од неа ќе биде и нашиот пат кон ЕУ, но подостоинствен и можеби потежок од оваа неподнослива леснотија со која оваа власт прифаќа срамни уцени. Тоа народот ќе го оцени. Да не заборавиме дека не чека тешка работа, по пустошот кој ќе го остават партиите во сегашната власт.

Што се однесува до изборниот процес веќе кажав, и бидејќи ништо не е сменето, не очекувам до крај фер избори.

-Каков е ставот на Глас за Македонија за избор на претседател во парламентот, идеја која ја заговара албанскиот политички блок?

Тоа е невозможна мисија. ДУИ, но и другите албански партии во тој систем гледаат единствено можен начин да добијат претседател Албанец. Мислам дека СДС тоа го има ветено, доколку формираат влада. Но, тоа нема да се случи. По овие избори, СДС ќе биде маргинална партија. И тоа го заслужи со катастрофалното владеење. Дури и нивни довчерашни поддржувачи, креваат раце од нив и не можат да разберат што им се случува секојдневно, од пред сè криминалното однесување во нивните редови. Да не зборувам дека отстапките кон Бугарија им зарија нож во грбот. Тоа не можат да го проголтаат и јавно го кажуваат.

И најважно од сè е, претседателот мора да има широка поддршка од граѓаните, а не од, за жал, партиската експозитура која ја нарекуваме Собрание.

 -Сите анкети покажуваат големо опозициско расположение кај електоратот, но ДУИ останува константа. Можна ли е некоја идна власт без ДУИ со оглед на фактот што опозицијата се погласно му порачува дека е по 20 години владеење време да се повлече во опозиција?

Мислам дека ДУИ повеќе не е константа во политичкиот живот. Има јасни знаци дека и „милоста“ од странците што ја уживаше, забрзано ја губи. Почнаа и по амбасади да ги преслушуваат за претпоставените криминали во нивните редови. Никогаш не ги прележаа детските болести, односно комплекси, за наводни „граѓани од втор ред“ и претераа со национализам. Ние денес имаме вицепремиер Албанец со измислен ресор, имаме 8 министри на ДУИ, непознат број на вработени во администрацијата од ДУИ, правосудство на ДУИ и сето она што го дозволи СДС за да се задржи на власт по секоја цена. Притоа големите „европејци“ станаа неказниви, недопирливи. И да не заборавиме дека имаат само 11 пратеници. Балонот е пред пукање. Мислам дека ДУИ, како зелена партија каква се претставува, треба да направи конечно зелена програма, а дотогаш да одмори. И да не одмори сите нас од себе.

 -Како ја оценувате моменталната политичка состојба?Катастрофална. Ова е чума. Македонија не цутеше никогаш по осамостојувањето и се правеа многу  грешки. Но, ретко кој можеше да претпостави дека со оваа власт ќе го стигнеме дното. Во сите години од 2016 година, имавме власт на неодговорни луѓе, неработници, мега корумпирани, кои дури се дрзнаа да тргуваат со нашите национални интереси. Секој ден поминат на власт на оваа гарнитура, е загуба за Македонија и за сите граѓани.

 

-Поради законските измени на Кривичниот закон застареа дела или беа ослободени од кривичен прогон за екс-функционери за кои имаше сериозна индиција дека го оштетиле буџетот за милионски суми. Можно ли е во идната Влада да се спроведе вашата идеја за носење Закон за отповикливост на функционерите, по теркот на Британија?

Да, тоа беше наш предлог уште во програмата од 2020 година и ние ќе инсистираме на донесување и примена на таков закон. Со оваа ниска свест за тоа што значи јавен интерес, што значи одговорност, што значи користење на народни пари, мора да одиме кон вакви драстични решенија. Измените во Кривичниот закон, уште пак донесен со европско знаменце, е срам за државата која јасно кажа дека функционерите се амнестираат од криминалите кои секојдневно немоќно ги гледаме. И да водиме сметка дека токму Европската комисија во своите редовни извештаи посочува на „криминал во високите ешалони во власта“. Која шлаканица за самонаречените „европејци“. Ќе бараме не само враќање на старата верзија на овој закон, туку и заострување на казните токму за функционерите.

 

-Меѓународната заедница критикува, а власта уверува дека борбата против корупцијата е главен приоритет…Можно ли е да се спроведе системско решение кое ќе ја врати довербата во разнишаниот правосуден систем?  

Отсекогаш сум објаснувала дека нам не ни е доволна борба со корупцијата, туку нејзино системско спречување. А тоа се прави со закони, но и со давање поголеми ингеренции да речеме на ДКСК, Финансиската полиција, Јавното Обвинителство, итн. Но, се разбира, таквите институции мораат да бидат сосема партиски независни. Законите кои се на сила, се најголем проблем. Ако прочитате било кој важен закон, во него ќе најдете озаконета корупција. Скриена низ сувопарните формулации на законот. Со прости зборови, се е дозволено, само за колку пари. Второ, нам ни недостигаат важни закони како Закон за потекло на парите. Чуму ви е Агенција за спречување перење пари, ако не се знае нивното потекло? Воопшто, сите закони кои директно ја тангираат корупцијата како најголемо зло, мораат да бидат заострени. Нам воопшто не ни одговараат препишани закони од Германија и Холандија (како што е случајот сега), туку да се преземат практики од земји кои имаат вистински проблеми со корупција, дури би рекла со организиран криминал.

 

Зошто ние брзаме со реализирање на Преспанскиот договор, кога грчката страна воопшто не го есапи?

 -Сагата со патните исправи без Северна трае со месеци, граѓаните останаа заробени во сопствената држава, а други не можат да излезат од неа. Можеше ли да се избегне оваа состојба?

Ова што се случува е срам и покажува целосна неангажираност и хаотичност во институциите на државата. Зошто граѓанинот да поднесува барање за нов документ, кога има важечки? Плус да плаќа. Државата тоа го бара од него, а не обратно. Кога е тоа веќе така, можеше елегантно и ефикасно, од постојните бази во МВР да се извлечат лицата носители на важечки документи, да им се отпечатат нови со истите податоци и во закажан термин да ги подигнат. Се разбира на сметка на државата. За оние кои имале некаква промена, истата ќе ја пријавеле и ќе бил изваден нов документ. Да не зборувам дека се даде телефон на кој никој не одговара, луѓето се тепаат пред шалтерите. Дури и тие кои одат по „скратена постапка“. Замислете, не набавиле ниту доволно обрасци за ваквата операција. Што правеле со години? Морам да кажам дека техничкиот министер на МВР се обидува да ја санира штетата на неспособните и веќе граѓаните се повикуваат организирано да се сликаат во брз рок. Но, се плашам дека ќе имаме многу луѓе без документи, вклучувајќи и дел од нашите иселеници. За ова, многумина ќе треба да одговараат. Но, тука ми се наметнува и друго важно прашање. Зошто ние брзаме со реализирање на Преспанскиот договор, кога грчката страна воопшто не го есапи? Дали нашава дипломатија се побуни, праша, испрати ли нота? Демонстрираат целосна немоќ и снисходливост. Тоа не смее да е стратегија на една суверена земја, која се бори за своите интереси. Очекуваме награда? Еве ја добивме во вид на срамните уцени внесени во преговарачката рамка. Така не се оди никаде напред. Само се малтретира и лаже сопствениот народ. (Е.А.)