„Желбата за она што сакаме да го работиме и нè исполнува на ваков или онаков начин, полека се остварува. Фидбекот е одличен, а ентузијазмот е она што го движи овој независен театар и од година во година е се поголем… Секако, посакувам да имаме решение за повеќе простор што е можност за повеќе изведби на претставите… И ‘гужвата’, од невработени театарџии, кои се борат независно како нас, треба да биде почитувана во рамките на Годишната програма“, вели меѓу другото Алексоски, во разговорот за весникот ВЕЧЕР, по повод четири години од постоење на независниот театар „Златен Елец“, чии претстави имаат голем успех на сцените низ државата

 

Во тек се претставите кои успешно ги реализирате на театарската сцена низ Македонија. Колку сте задоволни од фидбекот што го добивте од публиката и дали ентузијазмот, желба за глума и создавање на нови претстави е иста како и во годината кога е создаден „Златен Елец“?

Желбата за она што сакаме да го работиме и нè исполнува на ваков или онаков начин, полека се остварува. Фидбекот е одличен, а ентузијазмот е она што го движи овој независен театар и од година во година е се поголем. Независниот театар во Македонија конечно навистина е активен, многуброен и поддржан од бројни институции и тоа е за поздрав. Секако, посакувам да имаме решение за повеќе простор што е можност за повеќе изведби на претставите. И во Скопје и насекаде низ Македонија, кога имаме можност да ги играме претставите, го „искористуваме” тоа, а претставите така и само така живеат. Јас, како коосновач на овој театар, актер и продуцент во дел од претставите, сум најсреќен и тоа е она што ме исполнува за понатаму, кога една претстава живее долго и има успех и изведби. Tоа е она што останува за нас, за публиката, останува она што го создаваме низ годините, зашто создавањето е приоритет на уметникот. Се ќе исчезне, но мигот и поминато време со еден гледач или цела публика е емоционална меморија на сите присутни. Tоа е магијата, но и силата на театарот, конкретно ако зборуваме за една театарска претстава, перформанс.

Кажете ни нешто повеќе за самиот театар „Златен Елец“, членовите, со кои претстави и каде сè настапувате годинава?     

Четири години веќе постоиме, јас и Надица Петрова сме основачите што се трудиме да го носиме на убав пат овој независен театар. До сега имаме 18 претстави и други проекти. Активни претстави ни се: „Грета“, „Добри луѓе“, „Кенди“, „Пингвинот“ – сите во режија на Тамара Стојаноска, две стендап комедии на колешката Надица Петрова („Која сум јас“ и „Не се курчи“) и три претстави за деца („Чувари на планетата“, „Тајната книга на дедо“, „Чудесниот напиток“) во авторство на Надица. Претставата „Кенди“, во режија на Тамара Стојаноска, минатата година освои две награди: за најдобри партнери на фестивалот, награда „Бранко Ѓорчев“ на истоимениот фестивал на дуодрама во Неготино и награда „БИШ“ – за најдобра независна продукција од домашна сцена на фестивалот Млад отворен театар во МКЦ. „Кенди“ ја играме на 8 март во Драмски театар Скопје, со почеток од 20 часот, прв пат после последната награда на фестивалот МОТ и сме многу возбудени. Инаку, претставата матично се игра во МКЦ. На 11 март во Театар Комедија пак со почеток од 20 часот е претставата „Добри луѓе“, исто во режија на Тамара, инаку матично таа претстава ја играме во Театарот во Велес.

Претходно, од овој месец (февруари) наваму се играа претставите: „Пингвинот во Скопје“, „Добри луѓе во Велес“, „Не се курчи“ во Скопје, „Чудесниот напиток“ во Скопје, „Грета“ во Прилеп, за следниот период планирани се гостувања со сите претстави низ Македонија и изведби во Скопје, но и надвор од државава. Што се однесува до новите проекти, би зборувал во следниот период, има многу планови за среќа.

Независниот театар „Златен Елац“ годинава одбележува 4 години постоење. Што се смени за овој период, а што од вечната “болка“ карактеристична за  независната сцена остана?

Болката е можеби во поделеноста на работите во државава. Може така не звучам „независно“, но сакам да кажам пример за драмската дејност. Другите корисници во годишната програмата на Министерството за култура (ние како независен театар и физички лица) и националните установи, во однос на финансиите, тоа е апсурдно различно и некако така оставено и покрај укажаното низ годините. И во тој случај или некој е задоволително платен, или е драстично скратен за иста работа. Не е логично екипа од 8 невработени во театар – за претстава да добие 90.000 денари нето, а проектите од програмата на националните установи да се драстично финансиски поголеми и тоа при вработени актери и други учесници што се потребни за една претстава. Јас разбирам дека се работи за големи продукции и режисери, со сета почит, но со нашиот зададен буџет што не е побаран, едвај ја опремуваме претставата, за хонорарите да не зборувам. Можеби повеќе треба да се внимава на тие работи. „Гужвата” од невработени театарџии, кои се борат независно како нас, треба да биде почитувана во рамките на Програмата. Реално, тоа е почетокот, кога нема место за сите во националните установи да бидат вработени или ангажирани. Без разлика, заради тоа не зависи постоењето и моќта на независниот театар. Кога работам лик за претстава јас не мислам колкав ми е хонорарот, зашто занаетот и професијата се вложуваат целосно во работата. Зборувам за повеќе слух и поддршка што треба да се случи од страна на државата, сметам дека како млади кои одлучиле да останат во државава, го заслужуваме тоа.

Пред две години сите членови, актери на „Златен Елец“ беа невработени, каква е ситуацијата сега?

Генерално во моменталните проекти речиси сите се невработени во државна институција. Јас веќе цели две години сум вработен актер во “Канал 5“ телевизија, синхронизирам, играм во „Кенди“, ги организирам изведбите на другите претстави на кои сум продуцент, играм во претстава на Велешкиот театар во режија на Андриј Жолдак, претставата „Едвард Втори“, која на 12 март е на гостување во Македонскиот народен театар Скопје. Ги подготвуваме новите проекти предвидени за следниот период во независниот театар, полниме батерии за следните уметнички предизвици, покрај активниот репертоар. А лично, годинава си посакувам повеќе претстави во рамките на националните установи.

Какви Ви се плановите за наредната година кога славите мал јубилеј, пет години постоење?

Не сакам многу однапред да планираме и да се форсираме, зашто ентузијазмот, поривот и пасијата сметам дека е поголема при истражувањата и изненадувањата од самите работи со текот на времето и случувањата. Нашата уметност мора да го следи секојдневието, визиите се тука секако, а ако силно веруваме и најголемите желби можеби ќе се остварат. Така се водам лично јас некако до тој 5-годишен јубилеј на нашиот независен театар на кој му посакувам само убава иднина и развој, па ќе разговараме в година, здравје.

Дали постои интерес кај младите невработени актери да Ви се придружат и што е она што ве поттикнува да продолжите со нови активности?

Веќе погоре и кажав за дел од мотивите, а тука ќе ги поздравам сите колеги, соработници кои учествувале во досегашните проекти на било каков начин и помогнале овој независен театар да расте заедно со нивните претстави, улоги, преводи, концепти, текстови, дизајни и така натаму. Интересот е голем и најчесто прифаќаат проекти колегите со кои дотогаш не сме соработувале, а соработката била повеќе од успешна. Театарот е начин на живот и соживот со колегите, а пријателствата и човечноста се голем двигатели.

Даниела ТРАЈКОВСКА

Фото: Н. Јовановиќ

         С. Самандов