Ковид-сертификатите, кои некои земји веќе најавија дека ќе ги укинат, засега остануваат, а сè уште е рано да се зборува за нивно укинување, затоа што нивото на вакцинација кај населението во земјава е многу помало во однос на другите држави. Здравствениот систем во моментот е во добра состојба и има доволно болнички капацитети за хоспитализирање на сите кои имаат потреба од лекување. Министерството за здравство, преку нашите служби, будно ја следи состојбата и секојдневно добива известувања од здравствените установи кои имаат лежечки капацитети. Министерството за здравство веднаш би ги ставило во функција другите капацитети на јавноздравствените установи во моментот кога ќе се утврди потреба за проширување на постојните капацитети, со цел сите пациенти да добијат соодветна здравствена услуга во секундарното, односно терцијарното здравство, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, министерот за здравство Беким Сали.

Министре, го презедовте ресорот здравство, свесни дека седнувате во министерска фотелја во време на најголема здравствена криза, пред сè во време на корона-пандемијата и многу други наследени проблеми. Здравјето на околу два милиони луѓе е во Ваши раце. Кој беше предизвикот, покрај сево ова, да ја прифатите оваа функција?

– Факт е дека ресорот здравство е еден од најчувствителните сектори, особено сега, во услови на пандемија, и навистина претставува огромен предизвик во овие чувствителни моменти да се раководи со овој ресор. Длабоко сум убеден и верувам во професионалноста, стручноста и посветеноста на нашите експерти од областа на епидемиологијата, инфектологијата, имунолoгијата и другите стручни лица, кои се на првата линија и неуморно работат во интерес на здравјето на граѓаните.

Проектите и реформите што се добри, а веќе се почнати треба да продолжат да се реализираат. Проектите ќе ги водам според приоритетите, во моментот акцентот е ставен врз успешно справување со пандемијата, а токму овие недели е пикот на новозаболени, што според проценките на епидемиолозите може и да потрае. Но, поради тоа што превентивните и други специјалистички прегледи не смеат да бидат во втор план за сметка на третирањето на пациентите со ковид, еден од моите главни приоритети е да се посвети поголемо внимание и на превенцијата. Пациентите треба да бидат во центарот на сите политики, а се разбира и статусот на здравствените работници.

 Состојбата со пандемијата не се смирува, туку напротив гледаме дека од ден во ден ескалира со бројот на новозаразени. Дали здравствениот систем е подготвен да одговори ако во наредните денови состојбата се влоши?

– Здравствениот систем во моментот е во добра состојба и има доволно болнички капацитети за хоспитализирање на сите кои имаат потреба од лекување.

На инфективните одделенија и во ковид – центрите во државава моментално, состојбата брзо се менува, се хоспитализирани 576 пациенти со КОВИД-19. Во ковид – центрите во Скопје вкупно се хоспитализирани 174 пациенти од кои 71 на Клиниката за инфективни болести, 75 во ГОБ „8 Септември” и 28 на Клиниката за белодробни заболувања ТБЦ. Според дневната евиденција од здравствените установи, во моментот има 183 слободни кревети за пациенти со компликации од ковид-19, а болничките капацитети во земјава за ковид пациенти се исполнети околу 60 отсто, што значи дека болниците сè уште имаат капацитет за исполнување. Сепак, сакам да нагласам дека, заедно со Комисијата за заразни болести, активно се следи состојбата со новозаразените и соодветно на тоа ќе се носат препораки и одлуки.

 Лекарите и нивните колеги се де факто преморени. Колку во моментов се пополнети капацитетите во болниците, планирате ли повторно отворање на ковид-центрите?  

– Како што споменав, во моментов се исполнети се околу 60 отсто од капацитетите, но сепак Министерството за здравство, преку нашите служби, будно ја следи состојбата и секојдневно добива известувања од здравствените установи кои имаат лежечки капацитети. Министерството за здравство веднаш би ги ставило во функција останатите капацитети на јавноздравствените установи во моментот кога ќе се утврди потреба за проширување на постојните капацитети, со цел сите пациенти да добијат соодветна здравствена услуга во секундарното, односно во терцијарното здравство.

Напоменувам дека правиме сè за да се намали бројот на новозаразени со јавните повици и континуираните апели за почитување на мерките и, секако, со имунизацијата. Оваа пригода повторно ја користам да упатам апел за имунизирање на нашите граѓани за да се заштитат себеси и најблиските.

Комисијата за заразни болести препорача намалување на периодот на изолација од 10 на 7 дена. Оваа мерка е пред Владата. Дали се планираат и некои други мерки, со оглед на високите бројки на дневно заразени? 

-Препораката ја донесе Комисијата за заразни болести, која треба е разгледана и од главниот Кризен штаб, по што е проследена до Влада, која ќе одлучува на прва наредна седница. Ковид-сертификатите, кои некои земји веќе најавија дека ќе ги укинат, засега остануваат, а сè уште е рано да се зборува за нивно укинување, затоа што нивото на вакцинација кај населението во земјава е многу помало во однос на другите држави.

 Дали намалувањето на период на изолација е поради економскиот ефект (нема кој да работи) или овој тип на вирус дава поблага клиничка слика и дали скратување на изолацијата важи и за вакцинирани и за невакцинирани?

-Сите мерки и препораки кои ги носи Комисијата за заразни болести се мерки што се носат исклучиво земајќи ги предвид анализите од здравствен аспект и епидемиолошката состојба во државата и затоа сум убеден дека овие мерки и придонесот што го даваат нашите професионалци од соодветните области, во рамки на дискусиите на самата Комисија, се исклучиво мотивирани од здравствен аспект, потпирајќи се на аргументи и факти исклучиво за заштита на здравјето на населението. Скратување на изолацијата важи и за вакцинирани и за невакцинирани граѓани.

Дали ќе се менува составот на Комисијата за заразни болести, зошто, што планирате, дали ќе му се заблагодарите на д-р Караџовски? Кој ќе биде новиот претседател на комисијата?

– Во неколку наврати досега нагласив дека професионалното работење на ова тело е од најголема важност, а одговорот кон потребите на граѓаните врвен приоритет. Апсолутно го разбирам интересот на јавноста за натамошните чекори поврзани со составот на ова тело, бидејќи околностите бараат засилено и координирано дејствување врз основа на стручни и реалистични проценки. Во тек се дискусиите и јавноста, секако, дека навремено ќе ја информираме за новините во работата на оваа Комисија.

Промените ќе бидат во насока на проширување и дополнување на составот на телото, со нови, професионални, кадри од повеќе области. Во оваа Комисија веќе има мошне искусни професионалци во своите области, според што натамошните чекори ќе подразбираат надградба, усовршување и професионализација. Целта на овие мерки е, секако, намалување на бројот на заразени лица, како и воопшто заштита на јавното здравје, во најдобар интерес на граѓаните.

Зошто сметате дека Македонија не треба да ги укине ковид сертификатите, кога и вакцинирани и невакцинирани се заразуваат со оваа омикрон варијанта на корона. Значи сертификатот не е никаква гаранција дека тој што го поседува не е можеби позитивен на корона.

Ставот на Комисијата за заразни болести е дека фокусот и натаму треба да остане на зголемување на бројот на вакцинирани, а не на укинување на сертификатите, бидејќи досегашните резултати не ни покажуваат дека нашата популација е доволно имунизирана. Степенот на имунизација кај нас е околу 41 отсто, додека во државите кои ги укинуваат овие сертификати процентот на вакцинација е над 70 отсто. Нашите активности продолжуваат во насока на зголемување на опфатот со имунизацијата како најдобра превентивна мерка.

Целта е да се постигнат барањата кои веќе се исполнуваат во други држави, а се релевантни барања и на почитувани професори или лица кои даваат јавни изјави и повици.

Како што соопшти МНР, Косово од саботата ги заостри мерките за наши граѓани поради зголемување на бројот на заразени. Дали се планираат реципрочни мерки за државјаните на Косово за влез во Македонија?

– Веќе имав телефонски разговор со колегата Рифат Латифи, министер за здравство на Република Косово, при што беа дискутирани новите мерки кои ги презема Владата на Република Косово кон сите странски државјани при влез на територијата на Косово.

Во рамки на овој разговор изразив разбирање за одлуката на Владата на Косово, која е донесена во согласност со епидемиолошката состојба во соседната држава, како и согласно нивните капацитети за справување со новиот бран на вирусот.

Воедно ја пренесов длабоката загриженост на граѓаните на Република Северна Македонија кои имаат семејна, деловна и друг тип поврзаност со Косово, при што со оваа мерка им се создаваат ограничувања. Констатирајќи заемно дека состојбата со пандемијата во двете држави е прилично слична, побарав од мојот косовски колега Латифи оваа одлука да се преиспита и да се најде друг начин за заштита на здравјето на граѓаните на двете држави, а притоа да не се спречи нивното слободно движење.

 Министре, зошто нема ПЦР-тестови, зошто нема термини за тестирање преку матичен лекар, а во исто време приватните лаборатории се наполнија со пари. Граѓани болни со температура патуваат во други градови да се тестираат. Размислувате ли нешто да направите, да им помогнете на граѓаните во оваа економска криза. Тестовите на приватно не се ни малку евтини!

Јас сериозно му пристапив на овој проблем и веќе контактирав со надлежните во јавно-здравствените установи кои вршат ПЦР-тестови. Истите покажаа спремност за зголемување на тестирањето за 20%. Секако за ова треба да се произнесе и Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Инаку, засега има доволен број на ПЦР-тестови, а нашите напори се во насока на отворање на повеќе термини во центрите за јавно здравје, како би можеле матичните лекари побрзо да ги упатуваат граѓаните на тестирање. 

Имаме ли во моментов доволно вакцини? Дали има такви на кои им истекува рокот и кои количества и дали во моментов се набавуваат нови? Зошто немаме руски вакцини, „спутник“ со кои се вакцинирани еден дел од нашите граѓани, војска, полиција, новинарите…?

– Граѓаните може да бидат спокојни зашто на располагање имаме доволно количество вакцини кои се безбедни. Во согласност со информациите со кои располагам, Владата кон крајот на минатата година има донесено одлука за набавка на 500 илјади вакцини за 2022 година од производителот „Фајзер“, во кои ќе бидат вклучени и педијатриските дози во обем од 1 отсто од вкупниот број деца во земјава на возраст од 5 до 12 години.

Дозите за возрасните се планира да почнат да се испорачуваат од мај, годинава, а педијатриските дози во првото тромесечје на 2022 година.

Доколку има потреба ќе се набават и дополнителни количества вакцини.
Вакцините „спутник“ беа донација од Р Србија и тоа 39.990 и 4.000 со директен договор од производителот. Во моментов, нашата земја располага само со вакцините „фајзер“.

За неколку дена треба да почне учебната година. Ваш став по ова прашање, дали со бројки по 2000 заразени официјално дневно, неофицијално многу повеќе и полни амбуланти, како Детската клиника Козле, е вистински момент да се продолжи со настава со физичко присуство на децата? Во соседните земји, помалите деца до 4 одделение продолжија со онлајн настава, токму поради заштита, студот и да не носат маски по осум часа. Ваш став? 

 Активно и на дневна база ја следиме епидемиолошката состојба, а кога станува збор за здравјето, особено на нашите најмили, навистина нема компромис.

Сè што ќе произлезе како нова мерка, заклучок, препорака од стручните лица веднаш ќе биде опфатено ва нашите наредни чекори, во соработка со останатите институции. Убеден сум дека заеднички, преку мултидисциплинарен пристап, ќе најдеме заедничко решение во интерес на здравјето на децата.

Весна МИЌИЌ-БОЖИНОВСКА