Позитивните сигнали по првата заедничка седница на македонската и на бугарската влада во Софија покажаа знаци на омекнување на бугарскиот став во однос на македонските евроинтеграции. Но, истовремено, го зацврстија ставот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, дека пратениците во Собранието, но и целата македонска јавност треба да дознае кои се македонските позиции во преговорите. Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој беше повикан од опозицијата да даде отчет, најави дека в петок, во Собранието, ќе информира за текот на преговорите.

 

Пратениците треба да знаат што договора власта со Бугарија, истакна денеска Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Недозволиво е јас, како координатор на пратеничка група со 44 пратеници, една третина од Парламентот, да разбирам основни информации од медиумите и она што се случува на самото место. Можеби, некогаш е подобро да заглавиме ден- два повеќе во Собранието, меѓутоа, после, со испеглани ставови, и власта и опозицијата да излеземе и таа работа што ќе ја договориме, да ја тераме на тој начин“, рече Мицевски.

Тој посочи дека не е толку важно дали седницата ќе биде отворена, туку сите договори склучени во Софија да бидат разгледани во ресорските комисии.

„Таа седница може да биде отворена, но може да биде и затворена. Најмал проблем е каква ќе биде седницата. Меѓутоа, потребни се информации. Зошто да не се одржат такви ресорски комисии и министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Љупчо Николовски да не дојде да информира што, всушност, преставува тој договор. На крајот од денот, пратениците се тие што се симнуваат и комуницираат со граѓаните“, заклучи Мицевски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за надворешна политика, Антонијо Милошоски, вчера упати писмено барање до министерот за надворешни работи Бујар Османи да дојде пред Комисијата и да ги достави одговорите коишто ги има испратено македонската страна до официјална Софија за таканаречениот „план 5+1“. Веднаш потоа, стигна одговор од МНР дека министерот Османи в петок, на 28 јануари, на седницата на Комисијата, ќе информира за досегашниот тек од македонско-бугарските преговори. Истиот ден, и бугарскиот премиер Петков ќе даде отчет пред бугарското Собрание.

Петков, в петок, ќе реферира пред бугарското Собрание за соработката со Скопје

Бугарскиот премиер Кирил Петков, в петок, ќе реферира пред пратениците во Собранието на Бугарија за резултатите од својата посета на Скопје минатата недела, како и од средбата на владите на двете земји што се одржа вчера во Софија. Реферирањето на Петков ќе се одржи по барање на најголемата опозициска партија, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов и ќе биде прва точка на собраниското пленарно заседание закажано за в петок.

Петков и премиерот Димитар Ковачевски, по вчерашната заедничка седница на двете влади, оценија дека со заедничката седница на двете влади се поставени основите за идниот брз напредок на меѓусебните односи и се прави обид преку конкретни договори да се зајакне соработката меѓу Скопје и Софија, и тоа да придонесе и за пронаоѓање компромис за спорните прашања.

Заедничката комисија за историски прашања со најтешка задача

Сепак, наспроти позитивните поместувања во однос на транспортот и на економијата во македонско-бугарските преговори, најтешка задача ќе имаат историчарите од двете земји. Бугарскиот премиер истакна дека заедничката комисија за историски прашања ќе има нов режим на интензивна работа со три договорени официјални средби во следните четири месеци, која ќе работи со конструктивен тон со цел достигнување реални резултати. Тој наведе и дека во бугарскиот тим од Историската комисија, нема да има кадровски промени.

На заедничката седница, покрај министрите кои ги предводеа четирите работни групи од двете земји, присуствуваа и копретседавачите на македонскиот и на бугарскиот тим од Мешовитата мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров.

Тоа што наспроти промените во македонскиот тим историчари, бугарскиот тим останува со истиот состав, не дава надеж за приближување и напредок, освен ако се бара тој само преку промена на македонските ставови.

(И.С.)