Кумановци 26 дена се без превоз, комисијата одлучува по жалби на превозници

338

Кумановци веќе 26 дена се без линиски превоз и неизвесно е кога ќе има, бидејќи како што соопштија денеска од Општината има неколку жалби кои ги поднеле превозниците за избраните 19 линии кои ги исполнија условите и се пријавија на првиот повик. Од Општината денеска немаа официјална изјава и од одделението за односи со јавност, кажаа дека Комисијата назначена од градоначалникот активно работи на решавање на овој проблем.

Претходно, на последната седница на барање на советниците, раководителката на секторот за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска информираше дека е променет концептот на доделување на линии.

– Неопходноста за донесување на ваква одлука се наметна од потреба за менување на концептот за доделување на линии. Во претходната одлука линиите се доделуваа на група превозници, а согласно новата одлука се поделува поединечно со аплицирање на секоја линија за што се сметаше дека ќе се подобри услугата, рече Ланг Спасовска.

Таа потсети дека на 14 декември, лани градоначалникот формирал комисија за спроведување на постапка и наредниот ден бил објавен оглас кој траел до 29 декември. На огласот за 26-те линии имало пријави за 21 линија. Деветнаесет превозници ги исполниле условите, за пет линии поради малиот број патници не се пријавил ниту еден превозник, а двајца превозници не доставиле комплетна документацијата.

– Комисијата при водење на постапка и одлучување се водеше од фактите од одлуката, со цел граѓаните да добијат посовремен, поеколошки и пофреквентен јавен превоз. Така што граѓаните отсега ќе се возат со еколошки возила со минимум еко 4 стандард автобуси со утврден возен ред кој ќе биде јавно објавен на стојалиштата, појасни Ланг Спасовска.

Кумановци веќе 26 дена се без превоз и постојано реагираат дека веќе немаат средства за плаќање за такси превоз. Реагираат и сопственици на микро, мали и средни претпријатија кои поради недостиг на превоз мораат самите да го организираат превозот за работниците.