Индустриска зона за мало стопанство и нова автобуска станица во Виница се приоритети на кандидатот за градоначалник Миле Петков

19

 Оформување нова индустриска зона за мало стопанство, нова автобуска станица и изградба на булевар на влезот во градот се меѓу приоритетите што на вечерашниот митинг во Виница им ги понуди на граѓаните кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник, Миле Петков.

Пред присутните на плоштадот „Ангел Винички“ тој нагласи дека во изминатите четири години граѓаните се сведоци на континуирано пропаѓање, а Виница го изгубила потенцијалот да биде место во кое граѓаните ќе сакаат да останат да живеат, наместо да се иселуваат.

-Во соработка со вас граѓаните изготвивме програма со конкретни проекти во кои секој од вас може да се пронајде. Решавањето на инфраструктурните проблеми ќе биде мој приоритет, а ќе ги донесеме сите урбанистички планови за градот и за населените места како основа за идниот развој на општината. Ќе изградиме водоводна и канализациска мрежа и ќе ја подигнеме хигиената во градот. Се обврзувам за изградба на индустриската зона за мало стопанство, а Виница ќе добие и нова автобуска станица. За изградба на семејни куќи ќе оформиме зона каде парцелите ќе се продаваат по едно евро за квадратен метар. Ветувам изградба на туристичка и викенд населба на планината Плачковица, спа-комплекс кај Истибања и решена инфраструктурa во сите населени места, истакна Петков.

На митингот во Виница, Петков им порача на граѓаните да одберат реални проекти наместо празни ветувања, способни и исполнителни личности, наместо оние кои ги ставаат личните интереси пред граѓанските. Додаде дека нема да потпаѓа под какви било притисоци и да се откаже од визијата за подобра и просперитетна Виница.