Хрватската ракометна репрезентација е еден од главните фаворити за медал на претстојното Европско првенство, кое од 9 до 26 јануари наредната година ќе се одржи во Австрија, Норвешка и Шведска.

Селекторот Лино Червар, веќе го заврши првиот дел од подготовките, но во исто време се соочи и со многу повредени и неподготвени играчи, меѓу кои беа и поранешните ракометари на Вардар, Лука Циндриќ и Игор Карачиќ, кои треба да бидат во составот за вториот дел од подготовките во Пореч.

Пред стартот на вториот дел Червар (69) веќе пречкрта неколку повредени играчи, но и младиот Халил Јагањац, кој се прослави во дресот на поранешниот македонски шампион Металург. Токму оваа негова одлука наиде на големо негодување во хрватската јавност, односно зошто им дала предност на искусните, а не на Јагањац, кој досега требало да биде водач на репрезентацијата на „коцкестите“.

Во одбрана на селекторот застана неговиот асистент и поранешен пикер на репрезентацијата Игор Вори.

-Доста со тие години, колку не ги сакам годините, што се тоа години? Што значи тоа? Или си или не си. Секогаш ги споменуваме годините и им се восхитуваме на оние со 37 години. Ги поддржуваме оние со искуство и 32 години, а за играчите од  27 години велиме дека се млади. Мислам дека тоа е глупаво, ја губиме реалната слика на ситуацијата во репрезентацијата, истакна 39-годишниот Вори.

Хрватска беше домаќин на претходното ЕП, но не успеа да го искористи домашниот терен за да го освои единствениот златен медал што им недостасува. Тие имаат злато и од Олимпијада и од Светско првенство, а шанса за европско злато ќе имаат на ова ЕП. Тие се во група со Србија, Црна Гора и Белорусија.