Зеленски го повика Западот да размисли за зона на забранети летови за руските авиони

61

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека е време Западот да размисли за воведување зона на забранети летови за руски ракети, авиони и хеликоптери како одговор на руското гранатирање на украинскиот град Харков.

Во видео-обраќање Зеленски не прецизираше како и од кого ќе биде воведена зоната за забранети летови. Тој истакна дека Русија извршила 56 ракетни напади и истрелала 113 крстосувачки ракети во изминатите пет дена од почетокот на инвазијата врз Украина на 24 февруари.

Зеленски ја обвини Русија за воени злосторства и смета дека треба да биде изведена пред меѓународен трибунал.

Тој истакна дека Русија продолжила да ги бомбардира украинските градови за време на денешната прва рунда разговори со украинските претставници во Белорусија.

– Верувам дека Русија се обидува да изврши притисок на овој несуптилен начин. Не губете време. Ние не прифаќаме такви тактики. Може да се случат фер преговори кога едната страна нема да ја гаѓа другата страна со ракетна артилерија во тек на преговорите, додаде украинскиот претседател.