Македонските граѓани од овој месец  имаат за 30 проценти поевтин роаминг со земјите од ЕУ, потврди вчера министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.

– На 1 октомври веќе стапи во сила договорот помеѓу операторите на ЕУ и операторите на Западен Балкан за намалување на цените на роаминг податоците, во склоп на процесите во ЕУ.

Тоа значи дека нашите граѓани и бизнисот од РСМ, кога ќе одат надвор, ќе имаат 30 проценти помали трошоци за роаминг. И обратно, граѓаните или бизнисите од ЕУ во РСМ ќе имаат за 30 проценти намалени трошоци за роаминг – рече министерот Алиу.

Што се однесува за цените, Алиу рече дека тие се во надлежност на операторите. Тој очекува операторите деновиве да излезат со понуди, со пакети, бидејќи договорот е помеѓу операторите на ЕУ и операторите на Западен Балкан, рече министерот Алиу. Тој нагласи дека се дефинирани и активностите за натамошно постепено намалување на цените за роамингот и во 2026 година, исто така, ќе има намалување за 30 проценти, а се очекува во 2028 година цените за роаминг да бидат исти како цените на оние услуги што ги има на домашниот пазар.

– Тоа значи дека во 2028 година, ќе ги имаме истите цени како внатре така и надвор од државата – вели министерот за информатичко општество и администрација.