ЗА ОВИЕ ЦЕНИ, ПЛАТИ И ТРОШОЦИ ЌЕ СЕ РАСКАЖУВА: Еден минималец оди за храна, од два фалат 2.000 денари за гола егзистенција

Од месец во месец, драстично се зголемуваат трошоците за живот на едно четиричлено семејно домаќинство, а платите не го следат истиот раст по зголемувањето на минималната плата во март 2022 година. Синдикалната минимална кошница, која ја пресметува ССМ во март изнесуваше 36.767 денари, во април таа е зголемена за 1.337 денари, односно за 3,63 %, а од јануари 2022 (35.811 денари) е зголемена за 2.293 денари, односно за 6,40 %. За само една година, или од април 2021 година кога синдикалната минимална кошница изнесувала 33.976 денари е  зголемена за 4.128 денари, односно за 12,14%, појаснуваат од ССМ и бараат зголемување на сите плати. Според најновите податоци на ДЗС, инфлацијата е 10,5 проценти, а годишниот раст на платите е само 6,8 проценти

396

Само што се зголеми, минималната плата го изгуби чекорот со цените. Две минимални плати веќе не се доволни да ја наполнат минималната кошница со храна, сметки за комуналии и со другите ептен неопходни потреби на едно четиричлено семејство.

Државниот завод за статистика во април измери инфлација од 10,5 проценти, најголемa по 1995 година и за првпат двоцифренa по 2008 година, а Сојузот на синдикатите на Македонија пресмета дека минималната кошница истиот месец достигна рекордни 38.104 денари. Со тоа на просечните домаќинства во чиј буџет се слеваат две минимални плати од по 18.000 денари или една просечна плата од нешто помалку од 30.000, им недостасуваат пари за гола егзистенција. Згора на тоа, Државниот завод за статистика објави и дека февруарската плата, за кога се последните пресметки, е за 1,4 проценти помала од јануарската.

-Од месец во месец, драстично се зголемуваат трошоците за живот на едно четиричлено семејно домаќинство, а платите не го следат истиот раст по зголемувањето на минималната плата во март 2022 година. Синдикалната минимална кошница која ја пресметува ССМ во март изнесуваше 36.767 денари, во април таа е зголемена за 1.337 денари односно за 3,63 %, а од јануари 2022 (35.811 денари) е зголемена за 2.293 денари, односно за 6,40 %. За само една година, или од април 2021 година кога синдикалната минимална кошница изнесувала 33.976 денари таа сега е  зголемена за 4.128 денари, односно за 12,14%, вели за весникот ВЕЧЕР, Слободан Трендафилов од ССМ.

Според анализата на ССМ, зголемувањето на вредноста на минималната синдикална кошничка расте поради енормниот пораст на цените. Најголемо зголемување има кај исхраната и пијалаците за 4,3% во однос на претходниот месец, додека пак споредено со април лани трошоците за исхрана за зголемени за 14,8 проценти. Кај превозот во однос на претходниот месец, трошоците се зголемени за 3,1%, а во однос на претходната година за 21,8%.

Во април за исхрана требало да се потрошат минимум 16,5 илјади денари, а во структурата на кошничката на храна и пијалаци отпаѓаат повеќе од 43 проценти. Практично, еден вработен со минимална плата во семејството работи само за храна.

-Порастот на цените и растот на инфлацијата кој изнесува 10,5% влијаат врз намалувањето на куповната моќ на работниците, затоа ССМ со право бара зголемување на платите на сите вработени како во јавниот така и во приватниот сектор и покрај евидентите противења на одредени субјекти, вели Трендафилов и додава дека очекуваат оваа пресметка на синдикалната минимална кошница, како и зголемувањето на трошоците за живот да бидат будење за сите работодавачи, локалната и централната власт, кои треба веднаш да пристапат кон зголемување на платите на работниците согласно порастот на минималната плата, за најмалку 2.806 денари во нето на секој работник, посочува Трендафилов.

Растот на трошоците за живот произлегува од галопирачкиот  раст на цените, за кои нема прогнози дека ќе бидат скротени во скоро време. За само еден месец, во април цената на маслото скокна за една четвртина, овошјето е поскапо за близу 13 проценти, зеленчукот за 4,4 проценти, сирењето и урдата за околу четири проценти… Овие рекордни поскапувања се случуваат во услови кога годишниот раст на платите изнесува само 6,8 проценти.

Пресметките на експертите покажуваат дека наспроти просекот од близу 500 евра, платите на голем број вработени во нашата држава се мали и далеку од доволни за полнење на минималната кошница. Економскиот институт „Фајненс тинк“ пресмета дека со зголемувањето на минималецот на 18.000 денари, близу 170.000 вработени кои примале помалку од таа сума се изедначуваат со групата од близу 50.000 вработени со примања од 18.001 до 20.000 денари.

Се разгорува и сиромаштијата. Според најновите статистички податоци, кои се за 2020 година, повеќе од секое петто семејство во државата е сиромашно. Стапката на сиромаштија изнесува 21,8 проценти, а пред да се поделат социјалната помош и пензиите сиромашни се над 42 процента од граѓаните. Но, тоа е во услови на кризата предизвикана од пандемијата. Дали и колкаво е дополнителното осиромашување предизвикано од кризата поради војната во Украина, ќе дознаеме за две години, кога според календарот на статистичарите ќе се соберат и обработат податоците за 2022 година. Во меѓувреме и расположливите бројки се доволно драматични. На прагот на сиромаштијата живеат повеќе од 450.000 жители на државата. Со сиромаштија се борат повеќе од 30 проценти од децата и младите до 17 години, над 45 проценти од повеќедетните семејства, над 41 процент од самохраните родители, над 27 проценти од семејствата со издржувани деца… Сиромаштијата е присутна и во домовите на 4,5 проценти од вработените и на близу 40 проценти од невработените.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ инфлацијата ни го јаде животниот стандард, но не морало да биде така. Од оваа партија сметаат дека инфлацијата излегла од контрола поради недоволната будност на Владата дека треба навремено да се справи со предизвикот на енергетската криза и растот на цените.

-Неуспешното справување на оваа Влада со инфлацијата може да се согледа во фактот што сличната инфлација од 2008 година никој не ја памети. Тогаш, вистинскиот раст на платите, даночните реформи со кои се зголеми расположливиот доход на населението и фирмите, намалувањето на придонесите и многу други успешни политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ успеаја да го задржат животниот стандард на граѓаните и да не ја чувствуваме инфлацијата, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

(С.В.)