Се враќа трендот да се украсуваат природни елки во домовите, во пресрет на Нова година, но цените се солени и не секој може да искешира неколку илјадарки. Пластичните елки се уште поскапи и нивната цена, според висината и додатоците, се движи од 5 до 10 илјадарки
Се враќа трендот да се украсуваат природни елки во домовите, во пресрет на Нова година. Граѓаните ги менуваат навиките, па последниве години сè повеќе се одлучуваат природни елки да им ги красат салоните.
Граѓаните веќе почнуваат да прашуваат, се интересираат за цените. Но, како што вели Игор Чоневски, управител на „Флораком“, сестринска фирма на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, сè уште не е многу изразено тоа, бидејќи куповната моќ на луѓето во услови на економска и на енергетска криза е многу намалена.
– Една елка со висина од 1,5 до 1,8 метри е 2 000 денари. Има и поскапи од 3 500 до 4 000 денари, во зависност од видот на елката. Во овој период, финансиската состојба на луѓето е тешка. Иако некои имаат желба да купат природна елка, не може да си го дозволат тоа. Некои, сепак, купуваат, но тоа повеќе се филијали на банки, здруженија на граѓани, иако има и граѓани што може да си го дозволат тоа – истакна Чоневски.
Тој додава дека природната елка е скапа, бидејќи за да достигне височина од 1,5 или 1,8 метри, треба да поминат пет-шест години.
– Елките бавно растат. Треба да има идеални временски услови за да пораснат 20 сантиметри за една година – објаснува Чоневски.
„Флораком“ започнала со продажбата на природни елки пред една недела, кога биле донесени 15, од кои 10 веќе се продадени, а уште 40 се подготвуваат за продажба.
И пластичните елки не се поевтини. Така, во „Меркур“, бела елка со снег и шишарки, висока 180 сантиметри, чини 5 243 денари, додека таква елка, висока 210 сантиметри, чини 7 118 денари. Елка балсам, висока 155 сантиметри, со 20 ЛЕД-светилки, чини 2 390 денари, додека елка квинсленд зелена, висока 210 сантиметри, чини 10 118 денари.
Во „Вучко компани“, пак, вештачките елки со висина од 1,2 до 2,7 метри чинат од 3 000 денари, па нагоре, додека единечните лампиони, по два или по три во пакет, се движат од 200 денари нагоре.
Предноста на природната елка е што по Нова година, може да се посади во дворот и да го краси, но треба да се внимава, за да се фати, додека е во домот, редовно да се наводнува во саксијата во која е ставена. Предноста на вештачката е тоа што може да биде спакувана и да се чува и да се користи со лампионите за наредната година.
(А.П.)