Започнува проектот за субвенции за велосипеди, Е-велосипеди и Е-тротинети

58

Општина Центар го објави јавниот повик со кој го започнува проектот „Цел Центар на точак“, за субвенционирање на 30 отсто од цената за купување нов велосипед, електричен велосипед и електричен тротинет.

-Секој полнолетен жител на Општина Центар што ќе купи велосипед, е-велосипед или е-тротинет ќе може да добие субвенција до 3.000 денари. За доделување на субвенционирана помош потребно е да се достави пополнето барање за субвенционирање, копија од лична карта и трансакциска сметка, како и фискална сметка во оригинал за купен нов велосипед, е-велосипед или е-тротинет. Субвенционирањето трае се до исцрпување на средствата – информираат од Општина Центар.

Барањата со комплетна документација потребно е да се доставуваат во архивата на Општина Центар, барака број 6. По доставувањето на  документите, подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и субвенционирањето. Општина Центар напоменува дека правото на субвенција е еднократно.

-За сите дополнителни информации во врска со субвенционирањето, граѓаните можат да прочитаат на следниот линк https://www.centar.gov.mk/?p=16742 или да се обратат на телефонскиот број: 02/ 3203-600 и 02/ 3203-693 – се наведува во соопштението од Општина Центар.