Потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува ЕСМ, денеска се разбудија со топли радијатори во своите домови, освен во оние станбени објекти каде поради одредени проблеми, не стигна топлинската енергија.

– Топланите стартуваа со производство и испорака на топлинска енергија во дистрибутивната мрежа до објектите во 6 часот, а производството запре во 10 часот. По направениот дневен прекин на испорака на топлинска енергија, доколку надворешните дневни температури  после 15 часот се под 15 степени се започнува со испорака на топлинска енергија, односно централното греење повторно се вклучува – соопштија од ЕСМ.

Цената за потрошената топлинска енергија засега останува иста. Нова одлука за цената ќе се носи откако ќе биде поставен тополоводот на мостот „Беласица“.

– Сведоци сме дека деновите во овој период од годината се потопли, а и прогнозираните температури што ги добиваме од Хидрометеоролошката управа го покажуваат истото. Сепак, грејната сезона започнува на 15 октомври и снабдувачот е должен во грејните простории да обезбеди температура на греење од 20+1 степени Целзиусови. Цената на топлинската енергија останува иста. Нова одлука ќе биде донесена откако цевководот на мостот Беласица ќе биде поставен, со што ќе се овозможат услови за детален пресек на трошоците – вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Помошник директорот за топлина на АД ЕСМ, Александра Маројевиќ, објаснува дека поставувањето на новите цевки и подготовката на мостот за нивна монтажа е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа. Таа очекува дека набрзо ќе започнат и активностите на терен и ќе се вложат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок.

– Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки на мостот „Беласица“ ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост, кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите вклучувајќи ги и количините што ќе ги испорачува „Те-То“ – потенцира Маројевиќ.

Во тек на грејната сезона, испораката на топлинска енергија ќе се врши од 6 до 22 часот по строго утврдени правила и дијаграми. Според овие правила, на почетокот од грејната сезона, во месеците октомври и првата половина на ноември, кога надворешните временски услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија за потрошувачите ќе зависи од надворешните температури и од атмосферските услови во различни периоди од денот. При одредени атмосферски услови во периодите на високи надворешни дневни температури, се прекинува испораката на топлинска енергија.

Таа вели дека производните капацитети во двата системи и дистрибутивните мрежи се спремни за нормално снабдување со топлина во грејната сезона која официјално завршува на 15 април 2024 година.

– Склучен е договор за снабдување со природен гас за топланите Исток и Запад и за подружница Енергетика за октомври. Исто така, склучен е договор за набавка на топлинска енергија од когенеративната електрана „Те-То“ за овој месец. Набавките на природен гас се одвиваат на јавен повик кој ЕСМ го објавува на својата веб страница во тековниот месец за следниот период. Количините на природен гас кои ќе се набавуваат ќе зависат од режимот на работа на когенеративната електрана „Те–То“, која испорачува топлина во системот за централно греење – потенцира Маројевиќ.

На топловодната мрежа на ЕСМ се приклучени 63.000 потрошувачи, од кои 61.000 се снабдуваат преку новоформираните фирми на ЕСМ за Производство, Дистрибуција и Снабдување, додека 2.000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата ЕСМ-Енергетика. Во некои колективни станбени објекти сè уште не се обезбедени потребните услови, односно имаат дефекти во внатрешна инсталација, оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици.

(С.Бл.)