Завршува градбата на гасоводната делница Скопје-Гостивар и старт на интерконекторот со Грција

65

За гасификација годинава се предвидени 1,7 милиони евра. Се очекува да заврши изградбата на делницата од Скопје до Гостивар и да стартуваат работите на интерконекторот со Грција.

На крајот на ноември лани завршија градежните работи на гасоводната делница Неготино-Кавадарци-Битола, во должина од 92 километари. На тој крак годинава треба да се направи спојување со интерконекторот со Грција.

За делницата од Неготино – до грчката граница во должина од 66,7 километри, Владата минатиот го усвои урбанистичкиот проект. Интерконективен гасовод со Грција е секција од целокупната мрежа којашто треба да се изгради на територија на државава. Ќе го поврзува системот за пренос на гас од државава со грчкиот Национален систем за пренос на природен гас (ННГТС) во Неа Месимвриа.

Се работи и на проектирање на делниците Гостивар – Кичево, Кичево – Охрид, како и на делницата Свети Николе – Велес.

Со завршувањето на работите на делницата Неготино – Битола,  се спои целата магистрална делница од Куманово до Битола во должина од  188 километри, а веќе се завршени делниците Штип-Неготино во должина 36 километри и делницата Неготино- Кавадарци-Битола од 92 километри. Делницата Скопје-Тетово – Гостивар 76 километри со кракот Тетово од 10 километри е во завршна фаза.

– Во тек е постапката за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа за природен гас, којашто Владата очекува да биде завршена во првата половина од оваа година. Очекувањата се договорот за јавно приватно партнерство за изградба и оперирање на дистрибутивната мрежа за природен гас да биде потпишан до пролет и со тоа да се овозможи старт на изградба на дистрибутивната мрежа на 38 општини. Надлежните работат и на техничка документација за нови интерконективни гасоводи со Србија и со Косово, за што е добиена подршка од Енергетската Унија – пишува МИА.