Завршните четири натпревари на Светското првенство ќе се играат со нова топка која го носи името Ал Хилм, а е украсена со бордо нијанси што асоцираат на знамето на земјата домаќин Катар, соопшти Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).
„Ал Хилм ќе биде официјална топка за полуфиналињата, натпреварот за третото место и финалето“, кое е на распоредот на 18 декември во Лусаил, објави ФИФА.
Ал Хилм, што е арапски збор за сон, ќе ја замени досегашната топка на Мундијалот – Ал Рихла, што на арапски значи патување.
Ал Рихла и Ал Хилм се наследнички на топките Телстар 18 од Светското првенство 2018 во Русија, Бразука од Бразил 2014 и Џабулани од 2010 во Јужна Африка.