Заврши постапката за продажба за хотелите „Куманово“, „Кристал“ и „Ку-ба“

Заврши постапката за продажбата на делови од хотелите, „Куманово“, „Кристал“ и „Ку-Ба“, сопственост на АД „Бисерка“ во стечај, информираа надлежните. Понудата за дел од хотел „Куманово“ изнесуваше 20.500.000 денари, за дел од хотел „Кристал“ е 46.500.000 денари и за дел од хотел „Ку-ба“ е 2, 6 милиони денари

117

Заврши постапката за продажбата на делови од хотелите, „Куманово“, „Кристал“ и „Ку-Ба“, сопственост на АД „Бисерка“ во стечај. Одлуката е донесена е 21 февруари, годинава. Судот треба да подготви решение и по добивање на решението, понудувачот во определен законски рок ќе треба да ги уплати средствата, изјави стечајниот управник, Ацо Петров.

Понудата за дел од хотел „Куманово“ изнесуваше 20.500.000 денари, за дел од хотел „Кристал“ е 46.500.000 денари и за дел од хотел „Ку-ба“ е 2, 6 милиони денари.

На огласот се продаваше, дел од хотел „Куманово“ со вкупна површина од 349 метри квадратни, дел од хотел „Кристал“ со површина од 1.585 и дел од „Ку-Ба“ со 334 метри квадратни.

Претходно, Петров појасни дека за останатиот, поголем дел од овие објекти постапката сè уште не е завршена ниту по една деценија од правосилната судска пресуда со која имотот е вратен од претходен сопственик на АД „Бисерка“ не е спроведена пресудата во Катастар и од тие причини се продаваше само помал дел од имотот.

Некогашните репрезентативни објекти, по транзицијата се сврталишта на бездомници и руинирани објекти, често се мета на вандалски однесувања. Неколку пати беа опожарувани, особено хотелот „Кристал“. Хотелот „Куманово“ беше дел и од проектот „Знаење, заштита и вреднување на старите јадра“, бидејќи е еден од најрепрезентативните објекти во градот. Во поранешните хотели „Кристал“ и во „Ку-ба“ и двете сопственост на АД „Бисерка“ претходно беа сместени внатрешно раселените лица од липковскиот регион од конфликтот во 2001 година.

Од Секторот за урбанизам од општина Куманово укажуваат дека овие објекти мора да останат хотели согласно генерален урбанистички план.