ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Љубовта исцелува

347
Како се чувствуваме духовно, таква вибрација зрачиме. Затоа, исклучително битно е да бидеме во мир со самите себе и да се ослободиме од потиснатиот гнев, од емоционалниот отров и од чувството на навреденост поради лошите влијанија на другите луѓе.

Себеприфаќањето, прифаќањето на минатото, позитивниот пристап и вербата во перспективите на иднината се основни за постигнување мир и хармонија во животот. Од друга страна, незадоволството од самите себе, преокупираноста со болките и страдањата произлезени од минатото, духовната криза и нереализираноста можат да се рефлектираат и врз нашето тело и да предизвикаат да ги изгубиме оптимизмот, ведрината и енергетската аура на нашето битие.

Љубовните кризи и тешкотии мошне негативно се одразуваат врз психофизичката основа на нашата личност и ни создадат дисхармонија, немир и неисполнетост. Познато е дека емоционалната и менталната состојба го определуваат духовниот капацитет на човекот. Како се чувствуваме, така и ќе се однесуваме. Духовната аура го опфаќа целото наше битие и таа не е фрагментирана само врз умот, туку и врз целината на личноста.

Кога целината на нашата личност е опфатена со меланхолија, незадоволство, депресија, критички дух, како во тој случај ќе се чувствува нашето тело? Дефинитивно нема да функционира онака како што посакуваме, така што имунитетот нема да биде доволно силен и ќе чувствуваме голема слабост и несигурност.

Како се чувствуваме духовно, таква вибрација зрачиме. Затоа, исклучително битно е да бидеме во мир со самите себе и да се ослободиме од потиснатиот гнев, од емоционалниот отров и од чувството на навреденост поради лошите влијанија на другите луѓе.

Патот кон вистинската љубов започнува со оттргнување од невротичните механизми на себенегација и со спонтаниот и храбар пристап кон убавините на животот. Треба да бидеме духовно зрели и да стоиме исправени пред сопствените стравови. Ние избираме дали ќе бидеме жртви на болката или таа треба да биде наш учител, а не „Дамоклов меч” кој постојано ќе стои надвиснат врз нашите глави.

Затоа, колку подобро се чувствуваме во својата кожа, толку поубаво ќе прозрачиме за личностите кои нè опкружуваат. Колку повеќе сме опфатени од мачнината и тежината која ја носиме со себе, толку повеќе и другите ќе забележат дека не зрачиме и немаме позитивен импулс на енергија. Во такви ситуации, најбитно е да се соочиме со причинителот на кризата и да пронајдеме начин како да ги вратиме оптимизмот, виталноста и свежината. Кога поседуваме убава светлосна аура (внатрешен мир и спокој), тогаш и луѓето ќе сакаат да бидат во наше присуство, но кога сме под влијание на црната, меланхолична и депресивна енергија, тогаш е скоро невозможно да привлечеме позитивни, продуховени и хармонизирани личности. Сличностите се привлекуваат, така што победниците ги избираат победниците. Имено, лицата со позитивна енергија сакаат да изберат поединци со чиста, афирмативна и светла енергија и обратно. Луѓето со тешка, црна, профитерска, експлоатирачка енергија, најчесто ги одбираат сличните на себе.

Во одредени ситуации се јавува и патолошки тип на привлечност каде едниот сака да доминира, наредува и владее, додека другиот прифаќа да биде подреден и се соживува со улогата на жртва. Иако свесен за лошото однесување на партнерот, таквиот поединец продолжува да опстојува во врската, притоа постојано жалејќи се и очекувајќи сожалување од најблиските. Но, ако најблиските предочат начини како да се подобри состојбата, личноста нема да прифати и продолжува да се соживува со улогата на „жртва”. Тоа е љубовна игра на господар и роб, а во која не сака да учествува само слободниот и духовно воздигнат поединец.

Ако оствариме среќна, искрена и хармонична врска, ќе бидеме поздрави и пред сè , спокојни во душата. Но, тоа како да стана невозможна мисија, бидејќи повеќето од луѓето не вложуваат во љубовта, не ги почитуваат начелата на чесноста, посветеноста и верноста, туку многу лесно им се предаваат на интригите, его борбите, ниските страсти или неверствата.

Кога шириме, зрачиме и живееме во љубов креирани од вистинската емоционална исполнетост и љубовниот занес, таквата вибрација веднаш се забележува на нашиот лик. Љубовта има моќ да исцелува, да регенерира, да создаде нова основа во животот. Од друга страна, тагата, незадоволството, депресијата и меланхолијата имаат за цел да нè потонат во „жив песок”.

Треба да имаме на ум дека сè може да се промени, само треба да ги детектираме и согледаме нештата што нè оддалечиле од хармонијата и ни ја одзеле виталноста и радоста. Секој од нас треба да се потсети на периодите кога бил среќен и исполнет, бидејќи во тоа е магијата на сентименталноста – да ги оживееме убавите мигови и во себеси да внесеме позитивен импулс на енергија. Не треба да се сожалуваме и себеобвинуваме, затоа што искрено и посветено сме љубеле. Убавото чувство на проживеаната и доживеаната љубов, никогаш не умира.

Оптимистичката филозофија кажува дека позитивните искуства во љубовта, секогаш даваат сила и мотив за уште поголемо доживување и споделување на љубовта. Треба да веруваме во љубовта и без страв да ѝ пристапуваме. Омразата, гневот и немирот се непријателите на љубовта, а вербата, надежта и љубовта пријатели на мирот, хармонијата и среќата.

Јохан Гете има напишано: „Поединецот што престанал да сака и кој смета дека е безгрешен, слободно може да легне во гроб“.

Ако една љубов си заминала или исчезнала, ќе пронајдеме или создадеме некоја друга љубов. Затоа не треба да стравуваме, туку треба да љубиме и да уживаме. Потребно е да се опуштиме и да ја иницираме моќта што секој од нас ја носи со себе.

Кога еднаш се случува љубов, таа може и по вторпат да се случи, ако не е со истата личност, тогаш со некоја друга личност. Никогаш не треба да копнееме по доживеаните, но изгубени емоции, ниту да стравуваме дека чувството на љубовта може да исчезне. Сè во природата се намалува, се губи и исчезнува, но потоа повторно и се обновува, се раѓа и подига врз поинаква основа. Истото е и со љубовта. Ако една љубов си заминала или исчезнала, ќе пронајдеме или создадеме некоја друга љубов. Затоа не треба да стравуваме, туку треба да љубиме и да уживаме. Потребно е да се опуштиме и да ја иницираме моќта што секој од нас ја носи со себе. Треба само да ја пробудиме, трансформираме и освежиме, бидејќи како што напишала писателката Перл Бак: „Кој очекува само среќа во љубовта, тој за неа ништо не знае”.

Благородната страна на љубовта е што нè поттикнува да ги сакаме луѓето, животните, предметите, работата, животот итн. Но, за да постигнеме највисок стадиум на љубовна сродност, неопходно е да постои интимна и духовна поврзаност помеѓу партнерите.

За да постигнеме успех во љубовта клучно е да преиспитаме дали во односот се присутни следниве нешта:

Степен на доверба и меѓусебна почит; дали постои близина или дистанца; дали сакаме слободните моменти да ги поминеме со партнерот; споделуваме размисли за заедничката иднина; манифестираме грижа и подготвеност за помагање; ги надвладуваме конфликтите и имаме толеранција кон различните ставови; дали недоразбирањата ги ставаме под тепих или негираме дека постојат; дали сме сочувствителни или му се препуштаме на гневот; какво е нивото на романтика, нежност, сексуалност и верност помеѓу партнерите; дали постои посветеност на односот; дали критиките и префрлувањата нè прават рамнодушни и што преземаме за градење заедничка иднина?

Највисокиот стадиум на љубовта е поврзан со емоционалната посветеност, интимната комплементарност, отвореноста за разговор (ментална сродност) и духовната поврзаност. Тоа не е лесно да се постигне во денешното брзо темпо на живеење исполнето со многу ниски страсти и искушенија. Но, успехот може да се постигне доколку вложуваме во личниот развој, позитивно зрачиме и веруваме дека ќе оствариме љубовна врска каква што посакуваме и заслужуваме.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)