Нарцисоидните (самобендисани) поединци се иритираат од високата свесност, духовноста, позитивната енергија, насмевките и добрината на другите – валканоста на нивната душа не може да ги поднесе чистите, топли и искрени односи помеѓу луѓето. Тие се структурирани да ги бараат морално извалканите и негативни индивидуи, зашто со сличните на себе многу полесно може да ги озборуваат, манипулираат, лажат и искористуваат поразличните.
Нарцисите сакаат да контактираат со лица кои постојано им ја хранат суетата и ја поддржуваат таквата претстава. Сè додека другите со воодушевување и одобрување гледаат на постапките на нарцисот, тој/таа ќе сака да другарува или соработува со овие лица, но ако некој од нив се осуди да ги критикува и да им укаже дека лицемерно се однесуваат, тогаш веднаш го исклучуваат и му стануваат лут непријател. Недоверливоста и потребата од драма предизвикува за најбанални причини да иницира конфликт, обвинувајќи го блискиот за нешта кои се случиле во минатото. Причината веројатно се крие во негова-та/нејзината неспособност да даде и прими љубов. Затоа, многу од нарцисите преферираат слободни или тајни љубовни врски, бидејќи таквите односи не се базираат на искреност и посветеност.
Нарцисоидното нарушување произлегува од длабокиот несвесен конфликт внатре во личноста, која често се соочува со невротични реакции, придружени со гнев, нервоза и анксиозност. Општата дефиниција за нарцистичко растројство на личноста (НРЛ) гласи: Силно чувство на грандиозност, себичност, недостаток на емпатија и потреба за восхит. Луѓето со дијагноза НРЛ често се дефинираат како арогантни, манипулативни, фокусирани само на себеси и како лица кои бараат премногу внимание од другите.
Карактеристично за нарцисоидните личности е што целиот нивен живот е театар. Повеќе години може да живееме со нив и на крај да заклучиме дека воопшто не сме ги познавале, односно дека сме биле во врска со подвоена личност, која едно се претставува во јавноста, а сосема друго прави во интимната атмосфера.
Нарцисите можат да воспостават низа врски, но проблемот се случува кога врската треба да се одржува на зрело ниво, кое вклучува начело на емоционална блискост и заемност. Најмногу ги привлекуваат партнери со забележителен социјален статус и кои се подготвени постојано да им се восхитуваат и даваат комплименти.
Во речникот на нарцисите не постои ние, бидејќи се саможиви и максимално недоверливи. Таквиот пристап предизвикува емоционално отуѓување, па и физичко дистанцирање од блиската личност. Емпатијата е предуслов (како што се верноста и довербата) за создавање здрава и стабилна љубовна врска. Повеќето експерименти што ја проучувале корелацијата на нарцисоидноста и љубовта, покажале дека нарцисите се неспособни да гледаат на врската во множина, бидејќи не умеат да ги почувствуваат туѓите емоционални желби и потреби.
Себичниот не е способен да сочувствува со друго човечко битие, зашто исклучиво ги експонира сопствените интереси. Без сочувство, тој станува крут, дистанциран и недопрен од емоциите или маките на другите луѓе. Негова максима е „во право сум и кога грешам”.
Психолозите утврдиле дека нарцисот не гледа каков е, туку каков би сакал да биде виден од страна на другите. Тој не бил вљубен во себе, туку во својот одраз на самиот себе, така што неговата опседнатост не произлегува од тоа што е, туку од тоа што би сакал да биде.
Нарцисоидната личност се карактеризира со следните навики: ги игнорира туѓите вредности; екстремно ги привилегира сопствените желби и потреби; покажува нетолеранција за туѓото мислење и поглед на свет; манифестира љубомора, емоционална отуѓеност и грандиозност – ги преувеличува сопствените вредности; се исклучува кога другите луѓе зборуваат за своите проблеми; бара автоматска согласност за сè што прави; наметнува мислење дека е посебен и супериорен во односот со лицата кои го опкружуваат; има недостаток на свесност за последиците од своето однесување; очекува другите прекумерно да му се восхитуваат; не се идентификува со чувствата и потребите на другите луѓе; смета дека сè што работи е подобро од тоа што го работат другите; има очајничка потреба за восхит, одобрување, внимание и признание.
Желбата да се биде забележен, почитуван и вреднуван од другите е дел од човековата природа. Лошо е кога доминира опсесивната потреба за егзибиционизам, себедокажување и мегаломанија. Тогаш се навлегува во територијата на патолошкиот нарцизам и нарцистичкото растројство на личноста. Егзибиционистички пориви и опсесивна потреба за виденост и себедокажување препознаваме кај некои лица кои на социјалните мрежи постојано ги споделуваат сопствените активности, прикажувајќи ги неретко и своите кулинарски способности.
Многу од нарцисите се склони кон вербално и емоционално насилство врз другите.
Наодите од истражувањето на државниот универзитет во Кент потврдиле дека гневот, непријателството и краткиот фитил што го придружуваат малигниот нарцизам имаат тенденција да бидат насочени директно кон партнерот.
Личноста со малиген нарцизам има потенцијал да го уништи семејството, заедницата, нацијата и работното опкружување. Оваа состојба е спој на нарцистичко и антисоцијално нарушување на личноста, а за кои пишувал филозофот Ерих Фром. Тој сметал дека лицата со малиген нарцизам ги напаѓаат и понижуваат другите за тотално небитни нешта. И денес постојат ситуации кога таквите поединци (од позиција на моќ) вршат мобинг на работното место, ги експлоатираат работниците и уживаат во садистичката определба да ги доминираат и навредуваат подредените. Отворениот облик на малиген нарцизам се манифестира низ општествено неподдржувачки форми на однесување како препотенција, сурово, заповедничко и одмаздољубиво однесување. Ерих Фром сметал дека прикриениот нарцизам може да остане непрепознат и често се заменува со друг психолошки проблем како депресијата. Оваа форма на нарцизам често вклучува длабоки чувства на срам, самокритичност, празнина и завист. Нарцисоидните личности често осцилираат помеѓу овие две форми на однесување.
Психоаналитичарот Џозеф Бурго укажал дека зад појавата на нарцисоидност најчесто стои ниското самовреднување, чувството на лична немоќ и беспомошност, како и вкоренетиот страв во однос на сопственото Јас – се доживува како подвоено и оштетено. Причините веројатно треба да се бараат во детството, односно во отфрленоста, негрижата, фрустрирачките односи во семејството и во трауматичните животни искуства. Со непримена љубов во овој критичен период, личноста осознава дека не може да биде вистински сакана. Тоа ја води кон ниска самовредност и чувство на длабок срам во врска со самата себе. Кога на свесно ниво се негираат ваквите чувства, тие може да се јават во нивната спротивна форма (како заштитен механизам), преку пренагласување на самовредноста, развој на грандиозна слика за себе, умисленост на лична семоќ и големина (како компензација за длабокото чувство на инфериорност).
Со текот на годините, нарцисите многу лесно паѓаат во депресија, зашто нивните грандиозни фантазии сè потешко се остваруваат, а тие повеќе не изгледаат така добро како што изгледале порано.
Депресивниот нарцис го обвинува целиот свет за своите лични разочарувања и неуспеси, а вината најмалку ја бара во самиот себе. Тој го игнорира и потценува придонесот или способностите на другите луѓе и се жали дека ретко некој му помага. Од друга страна, нарцисите не сакаат да ги оптоварувате со вашите лични проблеми, ниту ќе ви се извинат ако ве навредиле. Тие се многу слични на енергетските вампири – земаат сè што можат и откако целосно ќе ве исцицаат, ќе ве отфрлат и обвинат дека вие сте виновни за сè.
Решение за односот со лицата кои страдаат од нарцисоидно нарушување на личноста е навреме да ги забележиме нивните деструктивни пориви и да бидеме што помалку зависни од нивното влијание. Спас за духовната состојба на нашата личност е со овие лица воопшто да не влегуваме во интимен однос, да не споделуваме емоции и да не градиме заедничка иднина. Доколку тоа се случило, ќе ни треба многу време и енергија за целосно ослободување од негативните вибрации на нивната личност.
(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)