ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Моќта на зборот и мислата

236

Секој збор има своја вибрација, свој број и свој код. Сè е поврзано со фреквенција, вибрација и енергија. Ние создаваме со зборовите и со мислите. Какви ни се зборовите и мислите, таква ќе ни биде судбината. Размислувањето создава чувства, а чувствата создаваат размислување, кое е соодветно на тие чувства. Луѓето не разбираат дека зборовите што се изговараат имаат голема тежина. Зборот е корен на делата. Тој може да повреди, да растажи, да го „скрши срцето“, но може и да развесели, да поттикне, да возбуди и да помогне. Какви зборови искажуваме, такви стануваме. Според Зигмунд Фројд, зборовите имаат моќ да лекуваат. Ако зборовите можат толку многу да повредуваат, тогаш можат и да исцелуваат. Искажаните зборови најдобро ги откриваат слабостите или доблестите на луѓето. Во античката епоха, клучно било да се поставуваат вистински прашања и да се даваат мудри одговори. Сократ имал кажано: „Зборувај за да видам со кого си имам работа“„ Најважен бил  самоговорот (автосугестијата), кој не требал да биде обоен со чемер, јад и негативност.

Проблемот на современото живеење е што сликата го победи зборот. Физичкиот изглед стана побитен од мудроста. Социјалните мрежи и медиумите нè бомбардираат со лажни слики на среќа (кои се наметнуваат како еден вид идеал), а всушност луѓето стануваат сè понесреќни, поотуѓени и поосамени. Осаменоста и отуѓеноста станаа болест на 21 век. Тоа се случува поради уништувањето на семејните вредности, изопачувањето на моралот и ниското ниво на емпатија. Кога постои недостиг на позитивна комуникација, тогаш луѓето стануваат подложни на немир и депресија. Современиот човек стана депресивен, бидејќи се чувствува отуѓено и осамено. Неретко, самотијата и не е толку голем проблем, многу поболно е кога се чувствуваме осамено, а не сме сами. Луѓето се плашат да бидат сами со себе. Поединецот што нема капацитет да биде сам со себе, нема ни почит кон туѓата потреба за мир и самотија.

За да бидеме во хармонија со самите себе, неопходно е да постигнеме рамнотеженост помеѓу духот, умот и телото (мислата, зборот и делата). 

Човекот е коавтор на стварноста, заедно со врховниот творец – Бог. Духот (душата)  и материјата (телото) се тесно поврзани. Истражувајќи ги својствата и однесувањето на елементарните честички, физичарот Дејвид Бом ја открил нивната поврзаност и единство кое се крие зад секој поединечен ентитет и така укажал дека секој дел од физичката реалност е присутен во целината и целината во секој свој дел, што ни овозможува физичкиот универзум да го согледаме како голем холограм (тродимензионална слика). Во холограмското толкување на светот постои само единствен свет во кој сè е поврзано со сè, низ нераскинлива меѓузависност на деловите. Тоа укажува дека човекот ќе се чувствува хармонично само доколку постигне урамнотеженост помеѓу умот, емоциите и телото. Нашата душа знае што е потребно за да ги доведеме во рамнотежа емоциите, умот и телото. Покрај грижата за физичката состојба на телото, неопходно е да водиме сметка и за духовната состојба на личноста.

Дисхармонизирањето на нашето биополе настанува откако ќе се наруши балансот помеѓу емоциите, умот и телото. Ако една од овие три компоненти престане да биде во хармонија, тоа ќе се одрази врз другите две. Поврзаноста со нашата душа (внатрешно битие) е неопходна за општото здравје и за рамнотежата на нашата личност.

Токму како што мислите се јазик на мозокот, чувствата се јазик на телото. А тоа како размислуваме и како се чувствуваме, ја создава духовната состојба на нашето живеење. Состојба на постоење е таа состојба во која нашето тело и нашиот ум работат заедно. Затоа нашата моментна состојба на постоење е автентична врска меѓу умот и телото, смета доктор Џо Диспенца.

Уверувањата што ги имаме за одредени животни ситуации и мислите што секојдневно ни се вртат в глава можат да исцелуваат, но и да разболуваат.

Со експериментот „малтретирање растение“, во ИКЕА се обиделе да ја подигнат свеста против малтретирањето (булингот) во училиштата. Во експериментот ИКЕА вклучи две растенија поставени во едно училиште – задача на учениците била на едното растение да му кажуваат комплименти и убави зборови, додека другото растение требало вербално да го малтретираат со зборови на лутина и омраза. По 30 дена од експериментот, додека растението што добивало комплименти продолжило да напредува, растението што било вербално малтретирано се борело за опастанок, со кафеави овенати лисја. Двете растенија добивале иста количина вода, биле изложувани на сончева светлина и добивале иста количина ѓубриво. Единствената разлика било што едното добивало комплименти, а другото погрдни зборови. Сличен експеримент (истражување) спровел и професор Гаљаев. Семињата кон кои биле изговорени пцости и негативни зборови, се однесувале како да се изложени на 30.000 зрачења на рендгени. Но, откако на семиња им се обраќале со љубов и убави зборови, преку 70% од семињата опстанале и изникнале во здрави растенија.

Тоа кажува дека повеќето од болестите се предизвикани од негативни зборови и негативни мисли. Со своите мисли и со своите зборови, ние твориме, не само кон нештата кои се надвор од нас, туку и кон нештата кои се длабоко во нас.  „Секој момент во секој поглед сè повеќе и повеќе напредувам, чувствувајќи се сè подобро и подобро“ е афирмација или автосугестија искажана од Емил Куе. Не постојат објективни околности, учел Куе, постои само нашето убедување или верување. Со доследно користење на автосугестијата секоја внатрешна состојба може да биде подобрена. Подигнувањето на свеста кон позитивните вредности ќе овозможи привлекување лица и настани со позитивни вредности. Според Џозеф Марфи: „Човекот е таков, каква што е неговата потсвест“.

Состојбата на нашата свест и потсвест е причина, надворешниот свет е последица. Како внатрешно се чувствуваме, такви нешта привлекуваме. За да постигнеме внатрешна смиреност, неопходно е да го ослободиме умот од вознемирувачките мисли и емоции. Тоа не е лесна задача, но колку повеќе инвестираме во личниот развој, толку побрзо ќе ја постигнеме смиреноста. Во хиндуистичките учења категоријата време е небитна, бидејќи темелот на себеразвојот не е ставен врз минливото (телото), туку врз вечното (душата).

Христијанското учење во преден план ги истакнува сомилоста, сочувството, верата, љубовта и надежта. Во Библијата е запишано дека вистинската вера спасува и дека Бог помага во опасните моменти и избавува од лошите состојби. Но, тешко е да се надеваме на Божјата сомилост, доколку нè правиме работи што ќе ни помогнат нашата вера да стане силна, а нашето срце кротко и полно со љубов. Книгата Мудри Соломонови изреки порачува: „Од сè, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот“ (Изреки 4,23). Поуката е дека состојбата на нашите емоции, влијае на тоа како живееме и што чувствуваме.

Најголемата скапоценост во својот живот сме ние самите, и само над сопственото его треба да оствариме контрола. Тоа ќе го постигнеме ако внимаваме на својата душа, го јакнеме својот дух, умно постапуваме и позитивно дејствуваме. Посветеноста на Бог и духовноста произлегува од негувањето позитивни мисли, искажувањето позитивни зборови и правењето позитивни дела. Овие вредности се остварливи само ако поседуваме позитивен дух и облагородена душа.

Врз структурирањето на позитивниот дух влијаат многу фактори, но како најкарактеристични ќе ги наведеме: вербата; зрелоста на личноста; оптимизмот; самопочитувањето; рационалниот пристап; емпатијата; убеденоста дека на крајот сé ќе биде добро, извршувањето на својата животна мисија итн.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)