ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: ЗЛО

413

Живееме во време во кое секојдневно сме сведоци на лоши состојби, алчни пројави, себичност, агресивност, бруталност и манипулативност. Да им се предизвикува зло на другите и да не се води сметка за општото добро, моралот и вредноста, претставува погрешна ориентација во животот и лошо потрошена енергија.

Веќе илјадници години филозофите и мислителите се обидуваат да одговорат што е зло, а што добро. Гледано од религиозен аспект, злото може да го дефинираме, како недостаток на добро. Во светот постојат многу лоши постапки, кои во преден план ги истакнуваат деструктивните пориви и агресивните тенденции. Манифестација на зло согледуваме кога се предизвикуваат војни; кога им се прават неправди на луѓето; кога се предизвикуваат болки и страдања; кога се уништува екосистемот; кога не се води сметка за општиот напредок; кога во името на профитот се заплашуваат и манипулираат луѓето итн.

Во сите тие ситуации многу јасно го согледуваме злото и утврдуваме дека кај предизвикувачите на негативните постапки, постои суровост и тенденција себеси да се наметнат, а другите да ги подјармат, уништат и повредат. Во историјата на светот и човештвото мошне ретко имало периоди во кои немало воени конфликти, насилства и уништувања. Дури и векот што помина беше век на 2 светски војни и на многу воени судири и деградации.

Зошто сето тоа се пројавува, кој тоа го создава и од каде произлегува агресивната состојба на духот, поради која луѓето предизвикуваат такви уништувања?

Дали најстрашните уништувања се дело на поединци, организирани во одредени милитантни групи или можеби се работи за воинствен ген, структуриран во умот на повеќето луѓе? Во тој контектст, ќе ги согледаме и објасниме тезите на норвешкиот философ Лаш Свенсен и ќе ги категоризираме причинителите и размислите за пројавата на злото и кој е одговорен за негативната определба кон која се движи човекот и човештвото.

Првата согледба е дека злото произлегува од ѓаволот, односно од демонските сили. Тоа е застарено сфаќање, кое потенцира дека нечестивата енергија се вметнува во духот на човекот, му го одзема моралитетот и духовноста и го прави орудие во рацете на демонската сила. Губејќи ја автономијата на личноста, човекот станува опседнат од нечестивата сила и нужно се ориентира кон злото и негативната енергија. Ова сфаќање посебно било распространето во Средниот век и траело до почетокот на 19 век. Во тој мрачен период се наметнала тезата дека самиот ѓавол или Луцифер раководи со своите пратеници на земјата, против кои била насочена целата општествена хајка. Злото се институционализирало во име на „светата инквизиција“, која го спроведувала ловот на „вештерки“ и „демони“, со задача да ја спасат душата на „еретикот“, бидејќи неговото тело било опседнато од ѓаволот. Поради најбанални причини, „еретиците“ биле спалувани, мачени и давени во водите, сè со цел да го признаат своето општење со нечестивиот или да се откажат од своите учења (познат е случајот со Галилео Галилеј и со спалувањето на Џордано Бруно, на Цветниот плоштад во Рим). Шпанските инквизиторски техники на мачење биле познати како најстрашни и од нив настрадале голем број на Евреи, Арапи и христијани. Оваа теорија се уште опстојува во некои рурални средини и укажува за присуството на злото преку нечестивата сила.

Прашањето кое секој разумен човек треба да си го постави е следново: дали злото и демонската енергија исклучиво се наоѓале кај големиот број научници, философи и учени луѓе или пред сè кај умислените „свети извршители на божјата волја“, кои со садистички средства ја „спасувале душата“ на човекот?

Со појавата на индустриската револуција и со развојот на научната мисла, се осознало дека не е само ѓаволот виновен, односно злото не е исклучив производ на нечестивата сила, туку на самиот човек и на неговата слобода на волјата. Во тој контекст, се наметна мислењето дека одговорноста за направеното зло не треба да им се припише само на надворешните сили, зашто секој ја има можноста самостојно да одлучува и да го избегне лошото постапување.

Философски гледано, верувањето дека за злото подеднакво се виновни демонските сили и слободата на волјата на човекот, во преден план го истакна верувањето во дуализмот. Оваа идеја првично ја експонирале манихејците, кои сметале дека овој свет е производ и на Бог и на ѓаволот. Тоа го има анализирано и персискиот философ Заратустра, кој зборувал за создавањето на светот и за вечната борба која се одигрува помеѓу силите на доброто и силите на злото. Светот на светлината, на доброто и на хармонијата ги олицетворува пораките на врховниот бог Ахурамазда, божество на добрината и мудроста. Во светот на темнината и злото доминира лошиот дух Ахриман. Заратустра сметал дека луѓето се должни да се ориентираат кон позитивната енергија и да се борат против силите на злото, кои водат кон уривање и уништување на сето добро и позитивно во личноста, општеството и човештвото.

Истото сфаќање може да се најде и во учењата на богомилите, кои потекнуваат од нашите простори, како и на павликените во Ерменија и катарите во Јужна Франција. Тие укажувале дека овој свет е производ на нечестивата енергија, но во него има и дел од бога, кој се согледува преку светлосната димензија на душата. Интересно е мислењето и на црковниот отец Августин, кој во делото „За градот божји“ изложил учење за две држави: светската (овоземската) и небесната (божјата). Првата била извор и расадник на зло, а во втората доаѓа до израз божјата правда и добрина.

Карактеристично за богомилската теорија е учењето дека човекот мора да се дистанцира од сè што асоцира на задоволства на телото, како што се его доминациите, ниските страсти и материјалната ориентација.

Богомилите сметале дека со преголемо оддавање на телесното и материјалното, човекот се оддалечува од духовното, кое е асоцијација на божественото. Затоа се залагале за аскетизам, скромност, искреност и сиромаштво. Водени од основните начела на евангелијата, тие остро ги напаѓале световните и црковни власти кои наместо кон духовните вредности, целосно се ориентирале кон стекнувањето огромни феудални поседи и материјални добра. Богомилите проповедале откажување послушност на господарите како слуги ѓаволови. Според нив, црковните раководители се натпреварувале со световните власти во алчното трупање богатство и во подјармување и експлоатирање на народот. „Полесно камила ќе се провре низ иглени уши, отколку богатиот во царството небесно“, вели нивниот омилен цитат од евангелието.

Сфаќањата на богомилите се спротивставени на официјалното христијанско учење според кое светот е создаден од семоќниот и предобар Бог, а злото е производ на грешната човекова природа (произлезена од првородниот грев). Богомилите сметале дека човекот е творба на два творци: добриот и злиот. Според нив, Сатаната станал господар на земјата, така што првиот човек, Адам бил принуден да му даде написмено дека тој и неговите потомци ќе му слугуваат на нечестивиот.

Оваа теорија укажува дека ѓаволот ги вмешал прстите во постанокот на светот и го предизвикал злото – сфаќање кое го отфрламе како верување во мистицизам.

Втората теорија укажува дека многу од луѓето во себе носат вроденост на злото, така што поради генетскиот детерминизам се ориентираат кон негативноста. Асоцијацијата е дека многумина како да се оперирани од сочувството, алтруизмот, хуманоста и од определбата да создаваат хармонични и позитивни односи со другите. Тоа значи дека некои лица, можеби среќата и исполнетоста ја постигнуваат кога ги уништуваат, напаѓаат и деградираат другите, што може да се види и од денешен аспект. За жал, постојат лица кои вршат терористички напади или крволочно убиваат несреќници, кои не претставуваат никаква закана за нивните воени цели.

(продолжува)

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)