ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Закон за позитивни вибрации

125

 

Според законот на позитивната психологија: Кон што се фокусираме, тоа привлекуваме; како себеси се доживуваме така и другите ќе нè доживуваат. Невозможно е да очекуваме прифаќање од надворешната околина, ако самите себеси не се прифаќаме и критички ја опсервираме сопствената личност. Другите луѓе никогаш нема да ни го дадат тоа што ние не сакаме самите на себеси да си го дадеме. Многумина очекуваат љубов, успех и напредок, но не веруваат дека се достојни за љубов, успех и напредок.

Клучот на напредокот е да почнеме позитивно да размислуваме и со силна волја, оптимистички дух и верба во сопствените вредности да го креираме своето постоење.

Афирмативниот пристап, автосугестијата и законот на позитивната енергија создаваат огромен капацитет на сила со која можеме „планини да поместуваме и железни врати да отвораме”. Благородната моќ на умот и на срцето најдобро се изразува низ позитивните мисли, позитивните зборови и позитивните дела, кои се темелот за постигнување на среќата и хармонијата во животот. Свеста за сопствените вредности, јасната согледба на околностите во кои се наоѓаме и вложувањето во односите коишто афирмативно ја јакнат нашата личност е најдобар начин за дистанцирање од законот на негативната вибрација и за непотпаѓање под законот на стагнацијата и отпорот.

Духовната надградба и повисоката свесност ќе ни помогнат со „отворени очи” да ја филтрираме реалноста и објективно да ги согледаме квалитетите и слабостите на лицата кои нè опкружуваат. На тој начин ќе престанеме себеси да се доживуваме како жртва и да ги идеализираме „вредностите” на другите. Позитивната автосугестија ќе ја зајакне нашата самодоверба и ќе ни помогне конструктивно да се поставиме кон надворешната околина и да сфатиме дека ако не можеме да влијаеме на постапките на другите луѓе, можеме да влијаеме на нашите реакции на нивните постапки.

Себепочитувањето, повисоката свесност и себеспознанието ќе ни помогнат да оствариме пријателства, врски и односи какви што посакуваме и заслужуваме. Високата самодоверба и позитивниот ментален став се предуслови за успех и за остварување во сите сфери на животот. Затоа, ако бараме успех, љубов и хармонија, а се подготвуваме за неуспех, отфрлање и дисхармонија, ќе го добиеме она за што се подготвуваме. Впрочем, позитивната автосугестија и позитивната проекција се клучни за постигнување на успехот и реализацијата.

Мирот во душата е најблагородното чувство и најголемиот квалитет, кој можеме да го постигнеме со практикување на моќта на умот и моќта на срцето.  Затоа, неопходно е да се репрограмираме себеси и да сфатиме дека имаме моќ да ја подобриме состојбата во која се наоѓаме. Суштината е во опуштањето, облагородувањето и во будењето на сопствените потенцијали.

Секој ја има можноста да еволуира и да ја постигне внатрешната хармонија, само е потребно да вложува во себеспознанието и да работи на подигањето на свесноста. Со вложување во духовната надградба ќе успееме да ја осветлиме душата и да ги надминеме разните искушенија на животот. Духовното спознание никогаш не доаѓа без страдање, внатрешни борби и тешкотии. Осознавањето на темнината е најдобриот начин да ги почитуваме и да им се радуваме на импулсите на светлината. Секое страдање можеме да го сфатиме и како нужна и моралистичка лекција, со цел да ја изградиме и продуховиме својата личност, бидејќи човекот врз основа на своите страдања и радости, гради сè.  Како што железото се кова на најсилен оган, така и човековиот дух и волја се испитуваат низ најголемите борби и искушенија. Треба да знаеме дека отпорот, негативизирањето и малодушноста се најголемите непријатели на духовната преобразба и причинители на многу душевни болки и страдања.

Законот на позитивната вибрација ќе ја оплоди моќта во нашето срце и во нашиот ум, само ако ги исчистиме негативните енергии присутни во и околу нашето биополе и да ги осветлиме и облагородиме потиснатите емоции во својата душа. Затоа, неопходно е да се ослободиме од емоционалниот отров, искрено да се покаеме, да си простиме себеси и да им простиме на другите за претрпените болки, бидејќи само така ќе може да ја започнеме големата духовна преобразба на сопствената личност. На тој начин ќе може правилно да ја користиме својата животна сила и да го почувствуваме благородното влијание на моќта на умот и моќта на срцето. Духовната преобразба секогаш е плод на позитивната автосугестија и на просветлената свест за вистинските патокази на животот.

За осознавање на сопствената животна вредност и мисија не се потребни академски знаења и теоретски формулации, туку срце способно искрено да љуби и вибрира според мелодијата на сродноста, посветеноста и душевноста. Најтврдокорните непријатели на позитивната автосугестија се: лимитираната свест, крутиот разум, себичноста, незнаењето и стравот, кој е исклучително непријатно чувство и нашата личност не би го иницирала без некоја причина. Во човечката психа, тој најчесто се пројавува како страв од сиромаштија, од неуспех, од болест, од загуба и од напуштање.

Незаинтересираноста да се живее според благородната вибрација на срцето и менталната затвореност во рамките на сопственото его, создаваат константна блокада на енергетските потенцијали и страв од блискост со другите и страв од иднината. Таквиот пристап, неретко е главниот предизвикувач на психосоматските нарушувања, на немирот во душата и на константната емоционална загриженост, кои, од друга страна, создаваат предуслови за појава на разни болести и слабости на духот и телото.

Негативната автосугестија и песимизмот мошне лошо се рефлектираат врз човековото здравје, бидејќи иницираат страв, кој е стрес за телото и немир за душата. Затвореното срце и депресивниот ум, предизвикуваат да нè снајде токму она од кое најмногу стравуваме, зашто умот постојано се труди тоа што го размислува да го претвори во реалност. Уште во античката епоха се знаело дека песимистичните луѓе спаѓаат во ризичната група за развивање болести. Имено, депресивна и обесхрабрена личност нема да има сила да им се спротивстави на ограничувањата и да се извлече од кризата. Затоа, без да се иницира ментално чистење од сите негативни мисли и вибрации, многу тешко може да се воспостават мирот и хармонијата. Сепак, разумот може да се бори со стравот и со негативната (авто)сугестија и на крајот да ги победи, потребно е само да негуваме ведрина и да подгреваме добро расположение, отфрлајќи ги мрачните мисли и потиштеноста.

Осознавањето на проблемот, соочувањето со стварноста и концентрирањето на тоа што е добро во нашиот живот, претставува најдобар лек за постепено стабилизирање на ментален и душевен план, односно за надминување на стравот од иднината. Затоа, како што вели Јанез Дрновшек: Кога минатото не може да се исправи ни со дела, ни со зборови, треба да се помириме со него. Без тагување. Без жалење. Се случило тоа што се случило. Така морало да биде.

По среќата и хармонијата засекогаш ќе трагаме и нема да успееме да ги воспоставиме, сè додека не ги побараме во себеси, внатре, во срцето и во душата. Тие никогаш не можат да дојдат однадвор, зашто секогаш се плод на личното чувство и на сопственото позитивно доживување. Впрочем, најзначајната благосостојба е благосостојбата која самите си ја создаваме – таа не може да се купи со пари, да се наследи или да се позајми, туку да се доживее низ благородниот изблик на сопственото срце, ум и тело.

Заклучокот е да се јакнеме самите себеси, да ги избегнуваме негативните сугестии и предност да им даваме на позитивните вибрации произлезени од умот и срцето на сопственото битие.

 (авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)