Според Светото писмо, илјадници години пред да биде создаден светот, злото се појавило во срцето на највисокиот ангел на небото Луцифер. Вината не може да му се припише на Бога, зашто Луцифер бил совршено создаден, меѓутоа тој бил незадоволен и мислел дека заслужува чест еднаква на онаа што ја ужива Бог. Дозволил со неговото срце да завладее зависта и оттаму сè произлегува.
Оваа библиска легенда покажува дека најголем проблем е егото и зависта. Всушност, тука сè се случило поради егото и потребата на ангелот да биде повисок дури и од неговиот создател Бог, како и тенденцијата да добие свое царство за владеење. И според учењата на богомилите, се случило тоа царство да биде планетата Земја. Тие сметале дека сè што е создадено на Земјата делумно произлегува и од нечестивата енергија, односно од Луцифер паднатиот. Тој го создал човекот, но нему му недостигала душа и потоа Луцифер отишол кај Бога и му рекол дека тој ја има материјата, го има телото на човекот, но не може да го оживее, бидејќи му недостига душа. И во името на мирот во небесното царство, Бог интервенирал и вметнал душа во телото на човекот. Тоа зборува за дуалистичката природа на луѓето, во кои ја имаме душата (како асоцијација на божественото и спиритуалното) создадена од Бога и телото (како асоцијација на ниските страсти и егото) водено од паднатиот Луцифер.
За вредноста на душата зборувале и големиот мудрец Буда, спасителот Исус Христос, пророкот Мухамед и многу други врвни духовни личности. Душата ни помага да се оддалечиме од сè што е лошо и негативно. Сепак, сè додека доминира телесното, се живее според начелата на потрошувачкото општество и опстојува експлоатацијата на сепостоечкото, тогаш душевноста и духовноста ќе им бидат подредени на материјализмот и ниските страсти. Експлоататорскиот однос (кој започнал да се развива уште од времето на робовладетелството, феудализмот, па сé до раниот капитализам) кон работникот го наоѓаме дури и во 20 век, кога пред и по Првата светска војна постоела огромна експлоатација и деградација на работниот труд. Тоа покажува дека моралот и душевното, како да исчезнале, така што и денеска одредени поединци и групации се со тенденција да заграбат огромни богатства и да остварат сè поголема и поголема финансиска моќ на глобален план.
Прашањето е до кога, како и зошто сето ова се наметнува и како ќе опстане духот и душевноста на човекот во светот на телото и материјата. Старозаветната легенда за Каин и Авел, најдобро ни покажува колкава штета предизвикува високото его и желбата да се биде „посебен“. Двајцата браќа влегле во личен судир, кого повеќе Бог ќе го сака, дали едниот кој се занимавал со сточарство или другиот кој работел земјоделство. Таа его-борба предизвикала Каин да го убие својот роден брат Авел.
Луѓето и во денешно време продолжуваат меѓусебно да се убиваат и уништуваат, а всушност сите ние имаме еден ист генетски материјал, според научниците, произлезен од Африка. И таа братоубиствена војна никогаш не завршила, константно трае. Огромен број на луѓе настрадале, дури се смета дека во период од 3400 години се случило само 243 години да нема воен судир, така што имало нон-стоп уништувања, деградации и насилства извршени од страна на човек кон човек. Помеѓу 1900 и 1989 година околу 86 милиони луѓе се убиени во воени судири, од кои 2/3 во двете светски војни. Ако тој број рамномерно се подели на целиот период, ќе добиеме просек од преку 110 мртви во војни секој час во текот на 20 век.
Познат е геноцидот во Руанда, каде што во 1994 година околу 800.000 припадници на племето Тутси, биле убиени од припадниците на племето Хуту. И сето тоа произлегло од политички и идеолошки цели. И толку брзо ги уништувале со мачети, така што ни нацистите не биле толку ефикасни во убивањето на затворениците во концентрационите логори. Да не зборуваме за холокаустот и за уништувањето на Евреите, поради идеологијата на нацистите за создавање чиста ариевска раса и умислената предопределеност дека Германецот е создаден за да владее со светот. Во тие случаи, целта не била да се создадат уништувања поради грабање на територии или економски интереси, туку определбата за чиста ариевска раса, предизвикала да се уништува цел еден народ.
Да не анализираме тоа што се случуваше во поранешна Југославија, меѓу поранешните „браќа“, соседи и пријатели, како и во комунистичките гулази. Да не зборуваме за масакрите кои се извршиле во Уганда, Источен Тимор и Индонезија, за геноцидот кој го извршиле Јапонците врз Кинезите во втората светска војна, за злосторствата што ги правеле Пол Пот и Црвените кмери. Тотални геноциди и уништувања, деградации и злосторства. Голем број злосторства се извршени и врз македонскиот народ, кој низ својата историја морал да ги трпи разните освојувачко-колонизаторски заложби на „братските“ околни држави.
Како што наведува Лаш Свенсен, нацистите за само неколку години убиле преку 25 милиони луѓе, а комунизмот во подолг временски период успеал да убие најмалку 100 милиони луѓе. Двата система имале неверојатна волја да ги жртвуваат човечките животи поради „повисока цел“. Мао Це Тунг верувал дека еден човек од 20 е народен непријател, а тоа подразбирало дека треба да се отстранат 30 милиони од 600 милиони луѓе што во тој момент живееле во Кина. Само за време на Културната револуција (траела од 1966 до 1976 година) од глад умреле повеќе од 20 милиони луѓе.
Дури и таканаречените високи демократии, во својата историја изнедриле големи злосторници, како што бил белгискиот крал Леополд втори, кој им ги сечел ушите на слугинките и ги ловел и гонел со кучиња малите црнчиња во Конго. Во периодот на владеење на Белгија (1880-1920), домородното население во Конго било редуцирано од 20 милиони на нешто помалку од 10 милиони жители. Познато е што се случило со империите на Инките и Астеците, кога во нивните планински предели биле посетени и освоени од шпанските конквистадори на Франсиско Пизаро и Ернандо Кортес.
На што сето тоа асоцира? Дека, за жал, духот на човекот и неговата ориентација кон хуманоста многу малку еволуирале. Дали за сето тоа се виновни одредени групации, кои во освојувањата, уништувањата и грабежите на туѓите национални блага го гледале својот интерес за стекнување уште поголеми материјални богатства. Во чие име тие го наметнуваат злото и вршат геноцид и истребувања на цели народи. Дали тоа го прават во името на егото, парите и моќта? Дали овие категории можат да ги надвладеат вредностите на душата, позитивноста и хуманоста? Секако дека долгорочно гледано, злото не може да го надвладее доброто, но за жал злото и денес сериозно се наметнува и го деградира човештвото.
Во прилог на злото оди и митолошката приказна за Прометеј, кој го украде огнот од боговите и им ја донесе светлината на луѓето, ги научи со плуг да ја обработуваат земјата, им асоцирал на вредности, знаења и ги поттикнал да бидат самостојни и независни. И на крајот, каде заврши Прометеј? Го распнаа на карпата! Иако тој е митолошки лик, сепак зборува за судбината на поединецот, кој се обидел да дејствува во името на човекољубието, доброто и позитивното. Прометеј не сакал луѓето да живеат во духовна темнина и незнаење и да им робуваат на лажните авторитети. Неговата цел била да им ги олесни животните тешкотии и да ги направи посреќни и порадосни.
Заклучокот е дека мнозинството од луѓето не се подготвени да ги препознаат миротворците, светлоносците и позитивците, туку дозволуваат да бидат манипулирани и владеани од негативно определените поединци и групации.
(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)