Речиси сите имаат корист од редовното вежбање, но жените имаат поголема корист од мажите, особено кога станува збор за кардиоваскуларното здравје, покажа студијата објавена во списанието на Американскиот колеџ за кардиологија.
Студијата исто така покажа дека жените со пократко времетраење на вежбање постигнале слични или поголеми здравствени придобивки од мажите, пишува порталот Medical News Today.
Дваесет години, научниците од Националниот институт за здравје на САД ја следеле здравствената состојба на голема група од 400.000 мажи и жени во САД.
Тие заклучија дека жените кои редовно вежбале имале 24 отсто помали шанси да умрат предвреме од која било причина во периодот на студијата. Во исто време, тие имале 36 отсто помал ризик од смртоносен срцев удар, мозочен удар и други кардиоваскуларни проблеми во споредба со жените кои не вежбале редовно.
Според резултатите од истото истражување, мажите кои редовно вежбале имале 15 отсто помала веројатност за прерана смрт и 14 отсто помал ризик од фатален кардиоваскуларен исход во споредба со мажите кои претпочитале седентарен начин на живот.
Така, студијата покажа дека жените имаат поголема здравствена корист од мажите од редовното вежбање во однос на намален ризик од смрт и кардиоваскуларни болести.
Колку треба да вежбате?
Научниците открија дека околу 300 минути умерена физичка активност или 110 минути енергична физичка активност неделно се доволни за мажите.
Кај жените кои практикувале 140 минути умерени аеробни вежби неделно, забележан е 18 отсто помал ризик од прерана смрт, додека само 57 минути енергични аеробни вежби неделно резултирале со 19 отсто помал ризик од смрт, што значи дека жените имаат повеќе корист од пократки периоди на вежбање.
За да ги добијат истите придобивки од вежбањето како жените, мажите морале да вежбаат двојно повеќе од жените. Така, за 18 отсто помал ризик од смрт е забележан по 300 минути умерено аеробно вежбање неделно и 19 отсто помал ризик по 110 минути интензивно вежбање неделно.
Тренингот за сила е исто така важен
Придобивките од редовното вежбање не се ограничени само на кардио вежбите, се покажало дека е важен и тренингот за сила, а во овој случај е забележан поголем бенефит кај жените во споредба со мажите.
На пример, кај жените кои редовно практикувале вежби за сила, забележан е 19 отсто помал ризик од смрт, додека кај мажите тој процент бил 11 отсто во споредба со нивните неактивни врсници.
Кај жените е забележан 30 отсто помал ризик од кардиоваскуларни проблеми, а кај мажите во случај на тренинзи со сила тој изнесува 11 отсто.
Научниците велат дека причина за тоа веројатно е фактот што машките тела анатомски и физиолошки се разликуваат од женските.
Разликите се видливи во невромускулната функција, густината и циркулацијата на капиларите, метаболизмот на мастите и моментот кога се појавува глад.
„Важен заклучок од оваа студија е дека, без разлика на полот, редовното вежбање значително го намалува развојот на кардиоваскуларни проблеми“, заклучи д-р Елинор Левин, кардиолог и професор на Стенфорд.