Наближуваат десет години од стравотната несреќа што му се случи на легендарниот Формула 1 возач, Михаел Шумахер. Но, речиси исто толку време не се знае ништо за неговата здравствена состојба, семејството го држи тоа во тајност.

Во 2013 година, Шумахер имаше несреќа на скијање на француските Алпи. Спуштајќи се по необележан дел од патеката во одморалиштето Мерибел и губејќи контрола над скиите, падна и удри со главата во карпа. Веднаш по несреќата, беше пренесен во најблиската болница со хеликоптер, во критична состојба. Беше подложен на две операции, по што беше ставен во индуцирана кома за да се зачува што е можно повеќе од функцијата на мозокот. Во јуни 2014 година, Шумахер излезе од индуцираната кома и беше префрлен на домашна нега. Оттогаш не се знае ништо за неговата состојба.

Медиумите се обидуваат да дознаат во каква состојба е Шумахер, кој сега има 54 години. Тие редовно се обидуваат да допрат до неговите поранешни соработници и блиски луѓе. Еден од нив е Жан Тод, поранешниот прв човек на Ферари и голем пријател на Шумахер. Тод е меѓу ретките на кои семејството Шумахер им дозволува да дојдат во куќата и да имаат контакт со Михаел. Плашејќи се од протекување информации што не би сакала да ги слушне јавноста, сопругата Корина го ограничи бројот на луѓе што можат да го посетат нејзиниот сопруг.

  • Михаел ми е пријател, го сметам за дел од семејството. Редовно го посетувам – истакна Тод во интервју за „La Stampa“.

Но, не сакаше да одговори на прашањето за здравствената состојба на легендата.

  • Тоа е приватна работа. Сè што ќе кажам е дека му се восхитувам нему, а и на неговото семејство. Мораме да ја почитуваме нивната приватност – заврши Тод.