Брисел е скептичен за иницијативата Отворен Балкан, но и затворен за земјите од Западен Балкан. Европскиот парламент им препорача на повисоките тела на Европска Унија да бидат резервирани кон иницијативата Отворен Балкан, што ја покренаа политичките лидери на Србија, Албанија и Македонија. Како што пишува белградскиот дневен весник „Данас“, во усвоениот документ на ЕП со препораки за стратегијата за проширување на ЕУ, кон оваа регионална иницијатива треба да се изрази силна задршка. На европските претставници им се препорачува „да изразат силна резервираност во однос на секоја иницијатива за регионална економска соработка која не ги вклучува сите шест земји од Западен Балкан и не се заснова на правилата на ЕУ, како што е иницијативата Отворен Балкан“.
-Ова е уште една замерка што европските парламентарци ја имаат до Србија, освен повикот за продолжување на пристапните преговори со Србија само доколку земјата се усогласи со санкциите на ЕУ кон Русија и постигне значителен напредок во реформите поврзани со ЕУ, како и повикот Србија да се усогласи со рестриктивните мерки и општата политика кон Русија, покаже напредок во демократијата и владеењето на правото и ги прифати вредностите и приоритетите на ЕУ, но и да се преиспитаат сите средства на ЕУ наменети за Србија, ја пренесува МИА сторијата на „Данас“.
Софија Поповиќ од порталот „Јуропиан вестерн Балканс“ (European Western Balkans) за „Данас“ изјави дека задршката кон Отворениот Балкан не е изненадување, со оглед на тоа што другите европски институции постојано повторуваат дека регионалните иницијативи мора да бидат инклузивни и прилагодени според европските правила.
-Тоа му недостигаше на Отворениот Балкан од почетокот, имајќи предвид дека некои земји во регионот од различни причини се скептични за намерите на лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија. Оваа формулација го отсликува она што долго време го кажуваат другите функционери на Европска комисија или земјите-членки, само завиткано во дипломатски речник, посочи Поповиќ.
Таа додаде дека наспроти резервите во однос на Отворениот Балкан, членовите на ЕП недвосмислено го поддржаа потпишувањето на договорот во рамките на Берлинскиот процес на почетокот на ноември како чекор напред кон создавање на Заеднички регионален пазар, што имплицира исто како и ОБ, само инклузивно и без дилема дека ќе биде според европските правила.
-Ќе биде интересно како ќе егзистира Отворен Балкан како иницијатива доколку другите институции во иднина на сличен начин дадат поддршка на Заеднички регионален пазар во однос на ОБ, заклучи Поповиќ.
Од друга страна, пред неколку дена пристигна ладен туш од Португалија за земјите од регионот. Португалскиот премиер Антонио Коста на конференцијата во организација на Си-Ен-Ен Португалија порача дека Европската Унија не може да ги исполни очекувањата на Украина и на земјите од Западниот Балкан за нивно вклучување во ЕУ како полноправни членки.
Да бидеме искрени, со моменталната институционална структура, со моменталната буџетска архитектура, Европската Унија нема услови да ги исполни очекувањата кои што сега ги создава, порача португалскиот премиер Антонио Коста. |
– Оваа криза во прв план го стави проширувањето на ЕУ, а посебно е драматично прашањето на Украина, како и многубројните ветувања кои што ЕУ ги давала со години, создавајќи надеж, особено кон земјите од Западниот Балкан. ЕУ има многу јасни критериуми за прием на нови земји членки, но, за жал, не постојат критериуми за определување на сопствените можности за прием на нови држави членки. Да бидеме искрени, со моменталната институционална структура, со моменталната буџетска архитектура, Европската Унија нема услови да ги исполни очекувањата кои што сега ги создава, порача Коста и предупреди дека „ако очекувањата кои што некои европски лидери ги создаваат се само политички гест, тогаш ЕУ ризикува да го умножи ширум источна Европа она што веќе се случи со деценискиот изостанок на очекувања во однос на Турција”.
Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии – ИФИМЕС од Љубљана во своја анализа предупреди дека неодлучноста на ЕУ може да има стратешки последици на Западен Балкан, бидејќи постојат реални закани дека поради неизвесноста на процесот на проширување на ЕУ и притисокот на домашната јавност некои земји би можеле да ја променат својата геополитичка ориентација. ИФИМЕС порачува дека е неопходно да се дефинира дали ќе има проширување на ЕУ и кога, бидејќи проширувањето на ЕУ не може да се одложува на неодредено време.
Сепак, самата посета на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на Македонија најавена за идната недела е порака за охрабрување и поддршка. Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу во изјава за весникот ВЕЧЕР рече дека ЕУ е свесна за некои грешки кои ги направиле во однос на Македонија, па и на Албанија и веќе кон нас се однесуваат како кон внатрешен елемент, но се свесни за евроскептизимот во земјава, токму поради тешките одлуки што беа донесени.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски е со сврст став дека Европската Унија е единствениот концепт и единствената алтернатива која што на македонските граѓани им обезбедува економски просперитетна држава, со социјална правда и со владеење на демократијата.