Македонскиот ракометен вицешампион, тимот на Еурофарм Работник со победа ја заврши дебитантската сезона во Лигата на шампионите. „Фармацевтите“ на домашен терен во салата „Боро Чурлевски“ во последното коло од групата го совлада тимот на Бидасоа Ирун со 25:23. Ова беше реванш на македонскиот претставник во дуелите со шпанскиот прволигаш, по поразот на првата средба на гостински терен.

Битолската публика по кој знае кој пат оваа сезона гледаше драматичен финиш на свој терен. Домашните ракометари се погрижија одново да си поигруваат со нервите на навивачите, но овојпат ги израдуваа, со минимална победа, трета оваа сезона во Лигата на шампионите.

Остроушко со осум погодоци беше прво име кај Еурофарм, а го следеа Ѓукиќ и Марковски со по четири реализации. Сери со девет гола беше најефикасниот играч на гостите.