Македонскиот ракометен вицешампион, тимот на Еурофарм Пелистер, повторно не успеа да победи во Лигата на Европа. Битолскиот суперлигаш на домашен терен, во четвртиот натпревар на европската сцена ремеизираше со Агуаш Санташ – 27:27, но ја задржа својата позиција на табелата. Јунак на натпреварот беше Марко Кизиќ, кој го одбрани последниот напад на гостинот.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Ларс Валтер, по мечот имаше замерки за играта на својот тим. Данскиот стратег истакна дека многу клучни играчи потфрлиле на оваа средба.
„Одигравме лош натпревар. Мислам дека многу наши клучни играчи одиграа под нивото. На крајот, сакам да им честитам на нашите противници од Португалија“, изјави Валтер по натпреварот.
Еурофарм Пелистер по четири одиграни кола има скор од два порази и исто толку нерешени средби. Последен домашен меч ќе биде со Мотор Запорожје, а претходно, следи гостување кај Фуксе Берлин.
Има неколку комбинации за „пелистерци“ да се пласираат во осминафиналето на Европската лига. Битолчани ќе бидат во осминафиналето ако го совлада или ремизира со Мотор Запорожје на домашен терен, може да ги загубат и последните два натпревари од групата и да бидат во осминафиналето, но само ако Мотор не освои четири бода. Еурофарм Пелистер е во осминафиналето и со минимален пораз од Мотор (до три разлика) во последното коло, под услов Мотор претходно да не ја победи Бидасоа. Сепак, треба да се има на ум дека ниту Бидасоа не е квалификувана, а загрозено и е и третото место.
Во осминафиналето освен Фуксе Берлин и Скандерборг Архус од групата на Еурофарм Пелистер, уште десет екипи осигураа место меѓу 16 – те најдобри. Тоа се: Нексе Нашице, Скјерн, Гепинген, Флензбург, Кадетен Шафхаузен, Иштад, Грањољерс, Спортинг Лисабон и Монпелје се чекираа во следната фаза.