Етнолошкиот музеј одбележа 70 години, етнолошкото наследство запоставено

132

Етнолошкиот музеј денеска одбележа 70 години постоење. Установата поседува голема колекција од над 20 илјади предмети кои се во постојан ризик од оштетување поради лошите услови во комплексот Музеј на Македонија каде што е сместен од почетокот на 1980-тите години.

Од прокапувањето е загрозен изложбениот простор, така што не може да се размислува за нова концепција на постојаната поставка која е од 2002 година. Поради минимална финансиска поддршка, проблематично е и собирањето нови етнолошки предмети со откуп. За одбележувањето на годишнината беа презентирани плакати од досегашните изложби на Етнолошкиот музеј, но не е отпечатен каталог што е вообичаено за јубилејни настани.

Елизабета Конеска, кустос советник во Етнолошкиот музеј со 30-ина години работно искуство, рече дека клучен проблем е немањето соодветен однос и третман на етнолошкото културно наследство што трае неколку децении. Покрај недоволната поддршка, установата работи во зграда во која често се појавува вода поради прокапување на покривот. Во последните години е одминат и од посетители кои се пренасочени кон новите објекти во центарот на градот.

„Со прекрасни предмети во еден ваков простор сме изгубени, а без поддршка сме уште поизгубени. Подолго време сме сосема запоставени. Воопшто не се почитува традицијата и оваа дејност. Сме имале непријатности да прибереме предмети и да немаме на луѓето да им платиме и да мора да ги враќаме. За жал, во последните години луѓе што сакале да отуѓат предмет, ги упатувавме кај антикварници и приватни колекционери за да можат да го наплатат тоа зашто ние немаме средства. За подарување предмет има непотребна и сложена правна процедура со одење кај нотар“, рече Конеска.

Не можат да размислуваат за нова поставка затоа што работат во услови во кои постојано се трудат да ги спасуваат експонатите. „Витрини скапаа и паѓаа и го спасувавме материјалот. Ткаенините и килимите се тргнати зашто често беа изложени во влага. Во такви услови не можете да размислувате за нова концепција зашто нова концепција бара нов и сигурен простор“, додаде Конеска.

В.д. директорот на Музејот на Северна Македонија Јован Шурбановски и Валентино Димитровски, раководител на Одделението за движно културно наследство, се осврнаа на развојот на институцијата во изминатите децении, посветеноста на првата генерација вработени и првата директорка Вера Кличкова, за ентузијазмот да се собираат предметите уште пред формирањето на музејот, дури и во времето на војната (1941-1944). Според инвентарната книга, во тие четири години биле заведени 970 предмети.

„Не можам да си објаснам како успеале во 1945 сето тоа да го направат, да направат многу важни институции, а немало министерство за култура, немало управа за заштита на културното наследство, немале национални стратегии“, рече Шурбановски.

Како самостојна институција Етнолошки музеј на Македонија работи од 1949, иако организираното собирање етнолошки предмети во земјава почнало во 1914, а наредната година се евидентирани експонати во состав на тогаш основаниот Народен музеј. До 1977 Етнолошкиот музеј бил сместен во зграда на градскиот плоштад, а во комплексниот Музеј на Македонија во чаршијата каде што е сместен денес е преселен во почетокот на 1980-тите години.