Привремено запира производството на струја од хидроцентралите, а разликата ќе се надомести од увоз. Причината, според надлежните е сушата и неповолната хидролошката состојба во природните и вештачките езера која може да ги загрози животниот свет и биодиверзитетот. Граѓаните, пак на социјалните мрежи коментираат дека ова е изговор за повторно да се зголеми цената на струјата и оти за ваквата состојба виновен е менаџментот и недомаќинското управување со ресурсите од страна на енергетските компании, а не природата. Сепак, од Регулаторната комисија за енергетика ја смируваат состојбата и велат дека досега нема пристигнато барање за промена на цената на струјата од било која електроенергетска компанија. И од ЕСМ соопштуваат дека цената на електричната енергија за домаќинствата ќе остане на стабилно ниво, односно дека АД ЕСМ ќе купува и продава електрична енергија, во зависност од берзанската цена на струјата и цената на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум со цел да го заштити интересот на граѓаните.
-Согласно Законот за енергетика нема надлежност од ЕСМ врз формирање на цената на електричната енергија, односно оваа цена не е регулирана и се формира самостојно од страна на ЕСМ. Во РКЕ досега нема пристигнато барање за промена на цената на струјата од било која електроенергетска компанија. Согласно Законот за енергетика член 70, став 3 производителот на електрична енергија ЕСМ доколку е потребно има право да купува електрична енергија на пазарот со цел да го оптимизира своето производство и да ги минимизира трошоците во работењето, велат за весникот ВЕЧЕР од РКЕ.
Од ЕСМ соопштуваат дека со оглед на тоа што 2020 година е исклучително лоша во однос на хидролошката состојба, како и со оглед на поинтензивната работа на хидроелектраните во одреден период во последните неколку месеци поради елементарните непогоди во рудниците во РЕК Битола, водата во езерата се искористи во пообемна мера и секој понатамошен истек ќе го загрози еколошкиот минимум на котите, неопходен за живиот свет. Од тие причини потребно е привремено да се запре со производство на електрична енергија од хидропотенцијалите.
Според годишниот план за работа на АД ЕСМ, на почетокот на грејната сезона кога е зголемена побарувачката на електрична енергија, беше предвидено вклучување во системот на РЕК Осломеј, каде е обезбедена техничка подготвеност на термоелектраната. Сепак, во овој момент термоцентралата не може да биде ставена во производство поради исто така неповолна хидролошка состојба на системот Студенчица, од каде што се обезбедува вода за разладната кула. Во РЕК Битола се работи со два блока, додека на Блок 3 се изведува капитален ремонт. За жал, во изминатите 10 години не беа изведени капитални ремонти, со што беше доведена во прашање доверливоста и сигурноста на блоковите. Поради тоа, АД ЕСМ до нормализирање на природните услови кои ќе овозможат оптимално производство на капацитетите за своите потреби ќе набави електрична енергија преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд, додаваат од АД ЕСМ.
Оттаму го потврдуваат ставот дека цената на електричната енергија за домаќинствата ќе остане на стабилно ниво, односно дека АД ЕСМ ќе купува и продава електрична енергија, во зависност од берзанската цена на струјата и цената на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум со цел да го заштити интересот на граѓаните.
И хидробиолозите предупредуваат дека постојаните драстични осцилации на водата сериозно го загрозуваат биодиверзитетот на езерото, особено животот на рибите.
Освен намаленото ниво на водата во Охридско Езеро, од ден на ден сè повеќе ја снемува и водата од Преспанското, а во лоша состојба се наоѓа и Дебарско Езеро, каде што на одредени делови водата е повлечена за повеќе од 100 метри.
(А.С.)