Аеродром ќе добие паметно осветлување, електрични тротинети и велосипеди, бесплатен безжичен Интернет, полначи за електрични автомобили, а граѓаните ќе се информираат преку новите информативни дисплеи, како дел од проектот „Смарт Аеродром“.
– Проектот ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство, веднаш откако Советот на Општина Аеродром ќе донесе одлука, преку јавен повик за избор на партнер. На јавниот повик ќе може да аплицираат заинтересирани компании кои ги исполнуваат дадените услови. Ќе биде визионерски потфат што ќе ја искористи моќта на технологијата за да создаде поврзана, одржлива и помодерна општина. Станува збор за проект кој сериозно ќе го смени ликот на средината, ќе им го олесни секојдневието на граѓаните, ќе влијае на зголемување на безбедноста и сигурноста, ќе придонесе за ефикасна потрошувачка, ќе овозможи олеснет пристап до информации, ќе имплементира одржливи транспортни решенија и ќе придонесе на подигнување на економскиот раст и иновативноста на локално ниво – најави градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
Зборувајќи за придобивките од проектот, Муцунски потенцираше дека станува збор за проект кој сериозно ќе го смени ликот на средината, ќе влијае на зголемување на безбедноста и сигурноста, ќе придонесе за ефикасна потрошувачка и заштеда на средства, ќе овозможи олеснет пристап до информации, ќе имплементира одржливи транспортни решенија и ќе придонесе на подобрување на економскиот раст и иновативноста на локално ниво.
Физибилити студијата предвидува компанијата која ќе биде избрана како партнер на Општина Аеродром да има обврска да имплементира смарт (штедливо) осветлување на територијата на целата Општина, што сериозно ќе влијае на заштедата на средства за електрична енергија и ќе биде одговор на зачестените забелешки за постојниот систем за осветлување, кој е застарен и нефункционален.
Дополнително, се предвидува компанијата да постави информативни и комерцијални дигитални дисплеи или т.н. тотеми, кои Општината ќе има право да ги користи за информирање на граѓаните; да нуди ефикасни услуги за изнајмување електрични велосипеди и електрични тротинети кои ќе може да ги користат граѓаните, да постави полначи за електрични автомобили на локации во Аеродром и да формира т.н. хотспот точки со бесплатен безжичен Интернет.
Kомпанијата која ќе биде стратешки партнер на Општина Аеродром во реализацијата на овој проект ќе има обврска целосно да го финансира и одржува целиот проект, а Општина Аеродром, освен што нема да има никакви директни трошоци за негова реализација, туку и преку намалување на потрошувачката на електрична енергија, сериозно ќе ги намали трошоците и ќе оствари заштеда на средства од буџетот.
– Убеден сум дека по успешното завршување на повикот и воспоставувањето јавно-приватно партнерство ќе може официјално да му посакаме добредојде на проектот, кој ќе даде една нова енергија на иднината и живеењето во нашата Општина. Со имплементацијата на проектот, Општина Аеродром ќе стане првата високотехнолошка и паметна општина, како и вистински пример на локална самоуправа која поддржува иновации и промовира одржливост – потенцираше Муцунски.
(А.П.)