Единствениот преживеан член од првата експедиција на Монт Еверест сведочи: Планината е полна со ѓубре и преполна со луѓе

65

Единствениот преживеан член на планинарската експедиција која прва го освои Монт Еверест, Шерпас Канча изјави дека секогаш има премногу луѓе и има многу ѓубре на највисокиот врв на светот.

Во интервјуто во Катманду, Канча рече дека смета дека треба да се намали бројот на планинари и посочи дека тие фрлаат лименки и обвивки за храна кои никој не може да ги собере, пренесува АП.

Од првото освојување на Еверест, луѓето се искачиле на врвот илјадници пати, а гужвата секоја година е се поголема.

За време на пролетната сезона на качување во 2023 година, 667 планинари се искачија на врвот, но имаше и илјадници помошен персонал во базниот камп помеѓу март и мај.

За тибетските шерпаси Еверест е Комолангма или мајка божица на светот.

„Не треба да ја загадуваат планината. Тоа е нашиот најголем бог и не треба да ги загадуваат боговите“, посочи Канча.

Долго време постои загриженост за бројот на планинари на Монт Еверест, но властите не планираат да го намалат бројот на дозволи што ги издаваат, наведува АП.

Правилата бараат од планинарите да го земат своето ѓубре, опрема и сè што носат на планината или ризикуваат да го загубат својот депозит, но спроведувањето на тие правила е неефикасно.

Како млад, Канча (91) беше меѓу 35-те членови на тимот што го однесе Новозеланѓанецот Едмунд Хилари и неговиот водич Шерпас Тензинг Норгаи на 8.849 метри високиот Монт Еверест на 29 мај 1953 година.