За инфектологот д-р Илир Демири од Инфективната клиника во Скопје сојот омикрон воопшто не е лесен како што тоа се прикажува во јавноста. Според него, ова се должи на неговото искуство и секојдневниот ангажман на клиниката каде се лекуваат потешките случаи. -Омикронот е полесен само кај лицата кои  се здрави и се вакцинирани, а кај невакцинираните покажува потешка клиничка слика. Досега нема починато од вирусот здрав пациент, без коморбидитети, а којшто е вакциниран. Починуваат вакцинирани, но кои имаат други болести, но и здрави луѓе кои не се вакцинирани – објаснува д-р Дeмири

 

 

Расте бројот на заразени со омикрон во Македонија, како и на оние што по вторпат се инфицираат со вирусот, a болничките капацитети секојдневно се полнат. За инфектологот д-р Илир Демири од Инфективната клиника во Скопје, сојот омикрон воопшто не е лесен како што тоа се прикажува во јавноста. Според него ова се должи на неговото искуство и секојдневниот ангажман на клиниката каде што се лекуваат потешките случаи.

-Омикронот е полесен само кај лицата кои што се здрави и се вакцинирани, а кај невакцинираните покажува потешка клиничка слика. Досега нема починато од вирусот здрав пациент, без коморбидитети, а кој е вакциниран. Починуваат вакцинирани, но кои имаат други болести, но и здрави луѓе кои не се вакцинирани – објаснува д-р Дeмири врз основа на неговото лекување на пациентите од стартот на пандемијата.

Тој им препорача граѓаните да се вакцинираат.

Според  неделната анализа на Институтот за јавно здравје, од тестираните лица секој трети  е позитивен, бидејќи процентот на позитивност се движел од д 22,5% до 35,8%. Минатата недела се регистрирани 11.916 нови случаи на ковид од вкупно 38.518 земени примероци,  што е зголемување од 2,7% во однос на претходната седмица.

Во истиот период околу 15 отсто од позитивните лица се заразиле по втор пат, односно детектирани се од ИЈЗ- 1.558 реинфекции. Од почетокот на пандемијата регистрирани се 6.494 реинфекции, а 17-мина се заразиле по третпат.

За д-р Александар Петличковски, кој е нов претседател на Комисијата за заразни болести  и директор на Институтот за имунологија, високата бројка на реинфекции  во земјава се должи на тоа што омикронот го заобиколува имунитетот стекнат со прележување на претходните соеви на ковид-19. Затоа тој препорачува граѓаните да се вакцинираат со трета доза, да носат маски и да одржуваат дистанца. 

Скопје и понатаму е на врвот на листата со најмногу заразени, додека во Кавадарци минатата недела имаше највисока, а во Дебар најниска стапка на зараза. Најголем број од лицата што заболеле од вирусот околу 90 отсто се со омикрон, а 10 отсто имаат инфекција со делта сојот.

Институтот регистрира заболени лица во сите возрасни групи, но најзастапени се возрасните групи над 60 години (22,1%) и од 30 до 39 години (22,1%). Најмал број на инфицирани има кај децата до девет години.

За една недела се пријавени и 148 смртни случаи во 26 градови што е за 38,3% повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од лицата што ја изгубиле битката со вирусот се од Скопје и повеќето се на возраст над 60 години и од 50-59 години. Од починатите лица 13 биле реинфицирани.

Од почетокот на пандемијата, во Северна Македонија има 8.409 смртни случаи како последица на вирусот. Во извештајот се вели дека 82,1 отсто од починатите имале и други здравствени проблеми – најчесто кардиоваскуларни, дијабет, белодробни, невромускуларни, бубрежни и карцином. Од ковид-починаа и околу десетина трудници и 37 здравствени работници.

Расте и бројот на хоспитализации – во моментов во болниците има 671 лице, од кои 390 се на кислородна поддршка, што е за  14,4% повеќе во споредба со претходна недела.

Досега во лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ се детектирани 255 пациенти позитивни на омикрон, а присутна е и делта варијантата меѓу заразените.

Досега во Македонија вкупно  866.227 лица се вакцинирани со барем една доза вакцина. Комплетно вакцинирани (со две дози) се 842.917, а трета доза примиле 128.268 лица.

Опфатот со две дози на вакцина против коронавирусот кај населението над 18-годишна возраст изнесува 50,6%, односно 46,7% над 12-годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупната популација е 40,7%.

Досега во земјата се направени вкупно 1.788.251 тестирања од кои што две третини се во приватните лаборатории. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 268.901, бројот на оздравени пациенти е 246.864, на починати е 8.409. Во земјава во моментов има вкупно 13.628 активни случаи.

Петличковски нов претседател на Комисијата за заразни болести, Мехмедовиќ портпарол

Директорот на Институтот за имунологија, доктор Александар Петличковски е нов претседател на Комисијата за заразни болести. Тој уште на стартот посочи дека препораките на Комисијата до министерот за здравство ќе бидат само врз основа на научни сознанија, а не по примери во другите земји, бидејќи секоја земја има свои специфики.

Комисијата која има проширен состави  сега брои 26 члена и за првпат има портпарол, а тоа ќе биде доктор Злате Мехмедовиќ. Доктор Мехмедовиќ доаѓа од Здравствен дом Скопје, а во моментот е дел од ковид-центарот на интерните клиники.

Како што информираше министерот за здравство Беким Сали меѓу членовите на комисијата е и нејзиниот поранешен претседател епидемиологот Жарко Караџовски, но професорот доктор Нико Беќаровски од скопската Клиника за токсикологија. Дел од тимот на комисијата е и координаторот на интерните клиники д-р Калина Старделова-Гривчева, која е и директор на Клиниката за Гастроенхепатологија. Членови на оваа комисија е и директорката на Инфективната клиника, д-р Милена Стевановик и нејзините колеги од истата клиника д-р Илир Демири и д-р Звонко Миленковиќ.

(В.Ма.)