Драмата „Двајца во Еден“ на Томислав Османли објавена во српско списaниe

133

Драмскиот текст „Двајца во Еден“ на македонскиот автор Томислав Османли е објавен во најновиот број 25, за јануари-февруари 2020, на електронското списание за литература „Eckermann“ кое се појавува во Србија.

Во „Eckermann“ пиесата на Османли е проследена со неговата биографија, а е објавена во рамки на редовната рубриката „Драма“, која ја уредува Александар Новаковиќ.

По неодамнешното објавување на пиесата „Враќање дома“ во белградски „Балкански књижевни гласник“, ова е втор драмски текст на македонскиот автор објавена последниов месец во српско литературно списание.

Пиесата „Двајца во Еден“ со поднаслов „Пиеса за двајца, Месечина и за кукли“ е камерна пиеса, горчлива лирска приказна посветена на епохалното чувство на Осаменост. Тото, смешен мал багабонт, лажен астролог и прескажувач на иднината, една вечер ја среќава кукларката Нела, тажна и напуштена жена која доаѓа во паркот со намера да се самоубие. Така започнуваат нивните необични, но искрени ноќни среќавања под старото дрво и чудесната, постојано променлива месечина. Сместени во запустениот парк, еден вид далечна, изветвена слика на Еденската градина, овие два тажни лика имаат контакт исполнет со осаменост. Тие еден на друг си кажуваат сочувствени лаги. Измислувајќи ја, тие ја покажуваат трагикомичната стварност на животот кој во ова драмско видување на Османли, делумно е бајка и сон за изгубениот и одново пронајден Рај, а делумно – една напуштена и несигурна стварност…

„Двајца во Еден“ својата праизведба ја имаше на сцената од Народниот театар во Куманово, во режија на Виолета Џолева, потоа изведбата во Академскиот театар John W. Gainse во Њупорт Њуз во САД при што претставата беше селектирана на регионалниот „Blue Ridge Theater Festival“ во Ричмонд, САД, во режија на Наум Пановски. Беше изведена на младинската сцена на Театарот за деца и младинци во Скопје, во режија на Димитрие Османли. Оваа пиеса беше објавена во специфично издание на книгоиздателството „Ѓурѓа“ кое го вклучуваше драмскиот текст на македонски и на англиски јазик, во превод на Соња Андонова, како и реализирана во стрип (цртеж на А. Сотировски).