Детали за несреќата кај Тетово: Камионот го управувал 35-годишник од Црна Гора

92

Државјанин на Црна Гора е повредениот возач кој излета од автопатот Гостивар-Тетово, ја скрши заштитната ограда и заврши во дворот на тетовската сообраќајна полиција, информира СВР Тетово по увидот. Утврден е и идентитетот на возачот кој поради повредите е хоспитализиран во Клиничка болница Тетово.

– Црногорскиот државјанин Љ.Д.(35), управувајќи товарно моторно возило „волво“ со приколка со црногорски регистарски ознаки, сопственост на ЈП „Подгорица“, на автопатот Скопје – Тетово, изгубил контрола по што удрил во банкината од автопатот. По несреќата, возачот е пренесен во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош. На местото на несреќата увид врши екипа на СВР Тетово, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

За да биде извлечен од кабината на камионот интервенираше и тетовската пожарна.