Дали “Вредност” ќе му пресуди на ДУИ?!

227

На денот на независноста на Косово, случајно или со цел, со интонирање на албанската химна, опозициските партии од албанскиот блок потпишаа декларација за обединување на изборите. Здружената албанска опозиција веќе не се вика Европски сојуз за промени ЕСП, туку ВЛЕН (вредност). На движењето Беса, Алтернатива, Демократското движење и Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти, како нивни поддржувач, во саботата, на 17 февруари, им се придружи и претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. – Ова поврзување ги обединува Албанците од Северна Македонија и оние од Косово. Ова обединување нѐ приближува кон Албанија. Оваа соработка ја зголемува „факторизацијата“ на Албанците на Балканот – порача Биљал Касами, лидерот на БЕСА.   Таравари, како претседателски кандидат на ВЛЕН, кој претходно го симна Зијадин Села од тронот, вчера отворено го покани лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да се натпреварува со него на претседателската трка

 На денот на независноста на Косово, случајно или со цел, со интонирање на албанската химна, опозициските партии од албанскиот блок потпишаа декларација за обединување на изборите. Здружената албанска опозиција веќе не се вика Европски сојуз за промени ЕСП, туку ВЛЕН (вредност).

На движењето Беса, Алтернатива, Демократското движење и Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти, како нивни поддржувач, во саботата, на 17 февруари, им се придружи и претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Тој, Биљал Касами, Изет Меџити, Афим Гаши и Беким Ќоку беа пречекани со овации во салата каде што беше финализирана соработката ЕСП – АА.

– Сега силно верувам, од поддршката што ја добив од сите албански опозициски партии, дека за првпат Албанец ќе оди во вториот круг од претседателските избори – изјави Арбен Таравари.

Во статус на социјалната мрежа „Фејсбук“, Таравари вчера, како претседател на Алијансата за Албанците и истовремено кандидат за претседател на опозициската коалиција ВЛЕН, јавно го предизвика Али Ахмети да го прифати предизвикот за претседателската трка.

 

– Пропагандата на ДУИ, откако ја објавив мојата кандидатура за претседател, некогаш вели дека Али Ахмети ќе се кандидира, некогаш се повлекува… Отворено го поканувам господинот Али Ахмети да се натпреварува со мене и вие да изберете кој најдобро ве застапува! – напиша Таравари на „Фејсбук“.

 

Првиот човек на Демократското движење, Изет Меџити, рече дека кандидатурата на Таравари за претседател има најреална можност да биде претставник на второто мнозинство на Албанците во Македонија, влегувајќи во вториот круг од претседателските избори.

– Денес, со потпишувањето на оваа декларација, на овој ден кога ја одбележуваме и независноста на Косово, поставуваме темели на нова ера кај албанските партии. Дојдено е времето за голема политичка промена во земјата – порача Меџити.

За Биљал Касами, лидерот на движењето Беса, приклучувањето на АА во коалицијата ги покажува револуционерниот дух и волјата на Албанците за промени, па затоа му порача на Таравари да биде убеден дека неговата одлука вреди.

– Ова поврзување ги обединува Албанците од Северна Македонија и оние од Косово. Ова обединување нѐ приближува кон Албанија. Оваа соработка ја зголемува „факторизацијата“ на Албанците на Балканот – порача  Касами.

Советникот на премиерот на Косово, Албин Курти, за Северна Македонија, Беким Ќоку, рече дека промената ќе се случи исто како во Косово.

– Можеме да кажеме дека промената веќе почна. Како активист на движењето Самоопределување, знам што е голема промена, што е вистинска промена според косовскиот модел. Затоа, мислам дека можеме да ја донесеме оваа промена заедно со вас. Албин Курти и Самоопределување знаат, како никој друг, дека промената може да се случи – изјави Беким Ќоку.

Таравари го разреши Села

 Инаку, викендов продолжи „војната“ во Алијанса за Албанците. Во саботата, на вонреден конгрес,  организиран од првиот човек на партијата, Арбен Таравари, ја укина функцијата претседател на партиското собрание, што во превод значи дека го разреши од функција поранешниот лидер на оваа партија и нејзин основач, Зијадин Села, кој веќе нема да биде претседател на Централното собрание, а таа функција сега ќе ја врши претседателот на партијата, во случајов Арбен Таравари.

На конгресот беа поништени и одлуките на партиското собрание одржано на 10 февруари оваа година, кога токму Села иницираше разрешување на Таравари.

Конгресот ја усвои кандидатурата на Таравари за претседател на државата, како предлог на Претседателството на Алијанса за Албанците, поддржана од Европското движење за промени, во рамките на претседателските избори од 24 април и 8 мај 2024 година. Пред почетокот на конгресот, Таравари рече дека за противкандидат во трката за претседател на државата сака да го има првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.

– Би сакал да го имам за противник господинот Ахмети. Би било навистина интересно – рече Арбен Таравари.

Портпаролот на партијата, Блерант Рамадани,  изјави дека од 739 делегати на конгресот во Скопје, биле присутни 421. На конгресот е констатирано дека одлуките од „нелегитимниот состанок“ од 10 февруари на партиското собрание организирано од крилото на Села се поништени, поради бројни статурани прекршувања, манипулации и докажани фалсификати. Во врска со ова, од крилото на актуелниот претседател на партијата, Таравари, најавија дека ќе поднесат кривични пријави.

Поделбите во Алијанса за Албанците почнаа по одлуката на Таравари да ѝ се придружи на албанската опозиција на парламентарните и на претседателските избори. Крилото на Зијадин Села се спротивстави на неговата одлука, барајќи АА да оди сама на изборите на 8 мај.

Села за вчера закажа вонреден конгрес, на кој, според информациите од партијата, се очекуваше да го разреши Таравари од претседарел на партијата. Но, до затворањето на весникот, конгресот сè уште траеше и немаше официјална информација какава одлука е донесена.