Грција бара исплата на 3,56 милијарди евра од европскиот Фонд за закрепнување

38

По исполнувањето на 28-те предвидени реформски и инвестициски точки, Грција денеска ќе го испрати второто барање до Европската комисија за исплата на 3,56 милијарди евра од Фондот за закрепнување, соопшти алтернативниот министер за финансии Теодорос Скилакакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Скилакакис, кој е надлежен за спроведување на грчкиот национален план „Грција 2.0“ за средствата од европскиот Фонд, објасни дека успешното завршување на 28-те планирани точки, од кои 19 се реформски, шест инвестициски и три поврзани со заемот, овозможува поднесување на барањето што се однесува и на делот со субвенциите и на делот за заемите.

-Од оваа драгоцена финансиска алатка, досега, вклучително и првата исплата и првичното финансирање, во нашата земја се слеаја средства од над 11 милијарди евра, во тешки услови за меѓународната економија. Ефикасното спроведување на „Грција 2.0“, во комбинација со инвестициската динамика на земјата и високата стапка на раст, во споредба со другите држави, го сочинуваат трите причини, поради кои веруваме дека ќе не задржат далеку од рецесијата, рече Скилакакис.

Во јуни минатата година Европската Комисија го одобри грчкиот план за закрепнување и отпорност „Грција 2.0“, во висина од 30,5 милијарди евра.

Два месеци подоцна, во почетната фаза беа исплатени 13 отсто од средствата предвидени за Грција (3,96 милијарди евра), додека пак првата рата од 3,56 милијарди евра од Фондот за закрепнување земјата ја доби на 8 април 2022 однос .